Во прв ред

Естрадниот магазин “Свет-Аустралија” прославува две години од своето постоење (Фото)

Како вчера да беше кога нашата колешка, соработничка и уредник и дописник за Македонија за естрадниот магазин, интернет порталот “Свет-Аустралија” Билјана Крнческа ни соопшти дека стартува нов естраден интернет портал, естраден магазин кој што ќе ги следи, прати и ќе пишува за сите случувања од регионот и светот. И тогаш, а и денес после две години од нивното постоење на интернет просторот, слободно може да кажеме дека имале и ќе имаат целосна и комплетна подршка од нашиот музички портал, бидејќи не џабе рекле старите: “Заедно сме посилни”.

По тој повод ја контактиравме новинарката и уредничка Билјана Крнческа, а таа без размислување ни го изјави следното:

“Веќе 2 години создаваме содржини кои го оплеменуваат нашето секојдневие. Од Вардар па се до Австралија се спојуваме преку музиката, естрадата и шоу бизнисот, нашата мисија е да пишуваме за убавите нешта кои му даваат смисла на животот, а истовремено информираме, апелираме, јавно дебатираме отворајќи нови поглавја кои инспирираат. Да се биде дел од електронското соѕвездие значи да се поседува енергија, а “Свет-Аустралија” од самото лансирање имаше една цел, да стигне до срцата на сите кои ќе го читаат и соработуваат со него”, изјави Крнческа по повод двегодишнината од постоењето на естрадниот магазин и меѓудругото додава:

“После две години работен континуитет во оваа редакција може само да кажам дека работата ми е задоволство. Нормално за тоа е најзаслужен Главниот и одговорен уредник Раде Берак, кој на сите соработници им овозможи рамноправни и професионални стандарди кои допринесоа нашата работа да биде релаксирана, без притисоци, без тензија, без стресови и нервоза. Ќе признаете дека тоа во денешниот свет звучи скоро и неверојатно, но верувајте ми на збор, тоа е апсолутно вистинито”, додава уредничката Крнческа заблагодарувајќи се на сите естрадни и јавни личности со кои тие досега имаат соработувано.

И музичкиот портал Музика24 им го честита вториот роденден на колегите од “Свет-Аустралија”. Искрено им посакуваме пред се многу здравје, а потоа и успешни статии, репортажи, најчитани текстови и срушени рекорди на глобално ниво. Соработката продолжува.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: