Во прв ред

Горан Бреговиќ – главна ѕвезда на „Тиквешки гроздобер 2022“ (Фото)

Како што дознава музичкиот портал Музика24, познатата традиционална манифестација „Тиквешки гроздобер“ во Кавадарци оваа година ќе се одржи од 9-ти до 11-ти септември. Неодамна како главна ѕвезда на вечерта беше споменувана познатата пејачка од соседна Србија, Јелена Карлеуша, но поради реакцијата на јавноста нејзиниот настап беше експресно откажан. Долго време се шпекулираше кој и кога ќе ја замени Карлеуша, а денес Музика24 ексклузивно ви ја објавува официјалната програма на годинешното издание на „Тиквешки гроздобер“.

Првата фестивалска вечер започнува на 9-ти септември петок со почеток во 18 часот. По обраќањето на Градоначалникот на Општина Кавадарци д-р Митко Јанчев и официјално свечено ќе започне „Тиквешки гроздобер“ со комплетната културно-музичко забавна програма.

Па така, од 18.30ч. до 19.30ч на сцената која ќе биде поставена на градскиот плоштад во центарот на Кавадарци ќе се појават гимназиски бендови кои ќе свират однапред планирана музичка програма. Во едно катче од плоштадот Вештите жени ќе нудат бесплатна закуска со Традиционална храна од Кавадарци и маџун. Од 18.30ч ќе може да се вкуси најдобриот коктел со вино, а половина час подоцна, околу 19 часот ќе започне трката со келнери. Музичката програма започнува во 20.30ч. со познати македонски и балкански музички имиња:

  • 21.30ч – 22.15ч – Zee Bomb;
  • 22.30ч – 00.15ч – Nucci & Voyage
  • 00.15ч – 01ч. – DJ Че

Вториот фестивалски ден од Гроздоберот, 10-ти септември сабота, фестивалската музичко-културно забавна програма започнува во 10 часот со изложба на Олд Тајмери, изложбата ќе трае со до 13 часот, а во меѓувреме, во 11 часот на Градскиот плоштад каде ќе биде и изложбата ќе започне детскиот музички фестивал “Гроздоберче”. Еден час забава за дечињата и родителите со детска интересна музика. По завршувањето на детското фестивалче на истата локација, Градскиот плоштад, ќе започне настанот Точакџии.

Од 13 часот па се до 15 часот на местото наречено Малото паркче програмата продолжува со староградска музика со локални бендови, со познатата и вкусна кавадаречка скара и вкусно сортно вино. Од 17 часот пак, во спортската сала “Јасмин” ќе стартува Меморијалниот турнир во кошарка “Сестри Китеви”.

Музичката програма оваа вечер ќе започне од 21.30 часот, а на сцената на „Тиквешки гроздобер“ ќе настапат:

  • 21.30ч – 22.20ч – Игор Џамбазов и Гуру Харе
  • 22.45ч – 23.30ч – Огнен Здравковски
  • 23.45 – 01ч – Харис Џинивиќ

И последниот трет фестивалски ден, 11-ти септември недела, програмата ќе започне во 12 часот на Градскиот плоштад каде ќе биде изработен, а потоа и претставен Мурал на тема “Гроздобер”.

Потоа, програмата продолжува во 18 часот со најава на голем карневал низ улиците на Кавадарци. Водителот Стефан Лазаров ќе ги најавува и претставува сите оние кои ќе учествуваат на овој карневал кој ќе се одвива низ улиците и центаралното градско подрачје на Кавадарци. Ќе се прогласат и кралот и кралицата, а воедно, ќе има и традиционално претставување на бербата на грозејето како и неговите подготовки, односно, ќе се случува карневалско дефиле низ градот и Градскиот плоштад.

Музичката програма за оваа последна фестивалска вечер ќе стартува во 21 часот и на сцената на „Тиквешки гроздобер“ ќе настапат:

  • 21ч – 21.45ч – Антониа Гиговска и
  • 22ч – 00ч – Горан Бреговиќ и Оркестарот за свадби и погреби 

Во точно 00 часот со големиот и спектакуларен огномет ќе се означи и завршувањето на овој традиционален и познат музичко – забавен фестивал „Тиквешки гроздобер“. Во претходните години, со исклучок на 2020 и 2021 година кога поради пандемијата не се одржуваше, за три дена имало над 120.000 илјади посетители, а се продавале над 30.000 литри вино. Што покажува дека балканските музички имиња носат голем број на гости од другите градови, како и од соседните земји. Буџетот на манифестацијата за оваа година е 10,5 милиони денари, од кои една половина се општински средства, а пак другата половина е обезбедена од спонзори.

Доколку во овој период сте слободни, сакате малку повеќе забава, патот ве носи кон Кавадарци и сакате да вкусите убаво и сортно вино, со задоволство Ви препорачуваме да бидете дел од овој голем настан, манифестација за кој верувајте долго ќе се раскажува.

Подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: