Во прв ред

И оваа година во Прилеп, Интернационален џез викенд од 25-ти до 27-ми август

На големо задоволство на прилепските љубители на најслободната музичка форма, џезот, и воопшто на урбаното живеење, последниот викенд од месец август, започнувајќи од 25-ти па се до 27-ми во Прилеп се организира уште еден меѓународен џез викенд, манифестација која нуди богата програма со настап на повеќе изведувачи од европските простори. Овој џез фестивал за прв пат се одржа во 2012-та година и уште веднаш се виде дека ентузијазмот е заеднички, како на публиката, така и на организаторите и учесниците на истиот.

Прилепскиот џез викенд кој е во организација на Одделението за култура при локалната самоуправа ќе го презентира музичкото творештво од светски џез размери пред прилепската публика со основна идеја за поинаков урбан Прилеп и заложби за следење на вистинските вредности и културни содржини. Фестивалот ќе биде отворен со Биг бендот при МРТВ и фри џез составот Хашима од Србија во четврток на 25-ти август. Следниот ден, 26-ти петок настапуваат Dine Doneff”s Lost _Anthropology од Грција, потоа следува експерименталниот состав “Chui” од Загреб, а во off програмата со својот сет ќе не вози популарниот DJ Костадин Шурбановски – Шурбе. Третата и последна вечер, односно на 27-ми август, е резервирана за гостите од Хрватска Franz Kafka Ensemble, незаменливиот Влатко Стефановски со своето Трио и за сладокусците во off програмата Џенгис Ибрахим со проектот Hi Cazz 3.

Како и секоја година, така и оваа, фестивалот има своја програма и во локалните џез клубови, така што во кафе “Сидро” ќе настапи младиот скопски состав Fierce, додека во Џез клубот “Take five” ќе можеме да го проследиме Филип Стевановски со своето Трио.

Место на случување е летната сцена од Центарот за култура “Марко Цепенков”, а незаборавајте дека влезот е бесплатен и дека сите фестивалските вечери започнуваат од 21 часот. Градот под Марковите кули, ги кани сите вљубници во џез музиката да бидат дел од ова културно прилепско лето и воедно им се заблагодарува на сите општествено одговорни компании кои застанаа зад фестивалот, како и на медиумските покровители, меѓу кои е и Музика24, за нивната безрезервна поддршка.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: