Во прв ред

Таксират 16: На Трики му се случи забрането пушење, Марина изненадена, “Лет 3” без голи задници

Декември, по обичај, е резервиран за маратонската музичка манифестација, “Таксират”, која оваа година се одржа на 7-ми декември во скопската Метрополис арена, во очи на државиот празник Свети Климент Охридски. Повеќе музички уметници од Балканот и Европа во десеттина часови ја сочинија динамичната музичка програма на овој “Таксират”, кој имаше за сите по нешто од повозрасните, па се до најмладите.

Загревањето се случи со панкерите “ГБХ” и тетовскиот реге кросовер состав – “Конкверинг лајон”. Средовечната генерација некаде околу 22 часот почна помасовно да влегува во салата, за да ги слушне “Денис и Денис”, екс ју група која долги години ја немаше, а во Македонија настапи по прв пат. Публиката беше разиграна иако пејачката Марина Перазиќ искоментира дека е изненадена и зачудена, зошто помладите не ги знаат текстовите на нивните хитови. Сепак се играше на “Соба 23”, “Лажлива”… а најмногу на предвидувачката песна напишана пред повеќе децении, а во реалноста остварена дури сега “Програм твог компјутера”, на која до небо се забавуваа оние кои сакаат и умеат да бидат составен дел од нечиј живот, преку компјутерот.

Контроверзните хрвати “Лет 3”, кои веќе имаат прокнижено “таксиратски” настап, ги натераа сите оние “потврди” (рокери) да се сместат и заковаат во првиот редови. Неколку пати ги сменија провокативните и забавни костими, од тул, пердуви, еластично трико… Македонската “Тапан чука на сред село” ја испеаа без грешка. И за крај, сите го очекуваа оној нивни ритуал свртени со грб кон публика и разгологазени, кога во голите задници си “бутаат” ружи, но безуспешно се надеваа. Дали годините и кај нив си го направиле своето или за “толку беа платени”, остана мистерија. Симпатична мистерија.

TaksiratИ ете го – Трики. Најголемата ѕвезда на вечерта. Синоним за трип-хоп музика. Опасното момче од бристолското подземје уште во првиот момент на сцена покажа дека не им се плаши на македонските закони. Си се качи со запалена цигара, си ја допуши… ама не можеш туку-така лесно да го казниш, можеби тоа му беше сценски реквизит, уметност е тоа. Ладниот холанѓанец покажа и дека има топли моменти, дека и тој е човек од крв и месо. При крај ги покани десетици девојки да се качат на сцена и да поденцаат, додека тој ги пееше своите три биса. По Трики настапи најлудото српско хип-хоп трио “Бед Копи”. Од момент во момент се повеќе млади ја исполнуваа Метрополис арена, кои за крај го дочека сетот на холандскиот освојувач на светските подиуми, Сандер ван Дорн.

Со будно око организаторите “Пасворд продукција” држеа се под конец, а обезбедувањето овозможи спокојна атмосфера. Се случи “Таксират 16”. Дежурните таскиратлии веќе уште од следниот ден го очекуваат списокот на гости кои ќе ни дојдат догодина, живи здрави да сме.

Подготви: Валентина Георгиевска – Парго

Фото: Атанас Стојановски/Популарно.мк

Можеби ќе ве интересира: