Едно од најактуелните имиња на светската музичка сцена, Џон Њуман доаѓа во Македонија. 25 годишниот британски музичар, кој во 2013 година се прослави со мегахитот “Love me again”, на 21 јуни ќе одржи концерт во арената “Борис Трајковски” во Скопје, соопштија од Авалон продукција.
“Огромно задоволство ни е да ви најавиме дека после “One Republic”, кои публиката имаше можност да ги види во јуни минатата година, Авалон продукција се погрижи Скопје, Македонија и целиот регион во 2016-та да видат уште една голема и актуелна глобална музичка атракција. На 21 јуни во Скопје доаѓа извонредниот Џон Њуман, едно од најпопуларните и најактуелни светски музички имиња во моментов, артист кој во изминатиов период има три британски број 1 синглови”, пишува во соопштението од продукцијата.
Њуман со своите 25 години за многу кратко време стана англиска соул ѕвезда и еден од најбараните пејачи на денешницата. За неговата кариера клучна е соработката со групата “Рудиментал” и заедничката песна “Feel The Love”, која за кратко време стана светски хит. По вториот заеднички сингл со оваа група, насловен “Not Giving In”, набрзо следи и неговиот прв самостоен сингл “Love me again”, каде се искачува на првото место на британските и светски топ листи, обезбедувајќи си влез и на американскиот музички пазар.
Во 2013 го издава својот прв деби албум насловен “Tribute”, од кој се издвојуваат неговите песни “Losing Sleep”, “Out of my Head” и “Cheating”. Овој албум достигнува врвот на британските топ листи, симболично пред легендарниот Пол Макартни. Минатата година, Џон Њуман заедно со најбараниот диџеј и продуцент на денешницата Келвин Харис го снимија планетарниот хит “Blame”. Спотовите за горенаведените мегахитови во збир имаат речиси милијарда прегледи на You Tube, додека само Њуман во изминативе две години има забележлив тираж од импресивни четири милиони примероци.
Неодамна, Њуман го издаде својот втор студиски албум насловен “Revolve”, во кој се вклучени познатите песни “Come and Get it” и “Tiring Game”. Во рамките на неговата летна турнеја во која го промовира албумот “Revolve”, Џон Њуман ќе биде хедлајнер на неколку музички фестивали, каде ќе го посети и Скопје.
Авалон продукција ова лето ќе направи неколку концерти на Џон Њуман во регионот, од кој што првиот ќе биде во Скопје на 21 јуни. Сите детали за концертот на Џон Њуман во арената “Борис Трајковски” ќе бидат познати во среда во 21 часот. Влезниците, пак, ќе бидат во продажба од 8 февруари.
Подготви: Редакција на Музика24