И оваа година, како и изминатите, општина Македонска Каменица го организира Каменичкото културно лето кое што на своите граѓани им нуди многу забава, музика и неколку одлично поминати денови. Овогодинешното издание на овој голем музичко-забавен настан во Македонска Каменица ќе започне на 26-ти август кога во 20.30 свечено ќе биде отворено овогодинешното издание на Каменичкото културно лето каде би требало да се обрати Градоначалникот на општина Македонска Каменица Г-нот Дарко Митевски. Истата вечер, по свеченото отворање на манифестацијата на сцената присутната публика ќе има можност да ги види и слушне Риплеј Бенд и одличниот и легендарен Мирослав Илиќ кој со своите стари и добри хитови веруваме ќе направи вистинско празнично расположение.
Веќе следниот ден, сабота 27-ми август музичката програма ќе започне во 19.30 со Funktastic Coalition, а некаде околу 20 часот на сцената ќе се појави познатиот Филип Божиновски, еден час подоцна околу 21 часот на сцената ќе настапи нашиот добро познат Драган Мијалковски кој публиката ќе ја почести со своите старо-нови поп и фолк рефрени. 22 часот е резервиран за фолк дивата и една од нашите најпознати фолк изведувачки Сузана Гавазова, а втората вечер ќе ја затвори Ален Хасаовиќ со неговите веќе добро познати песни.
Третиот и последен ден од овогодинешното издание на Каменичкото културно лето ќе започне стандарно во 20.30 со Инструментал Бенд и Бојан Стојков, за на крај на вечерта и самото затворање на тридневното славење, на сцената ќе се појави најголемата балканска ѕвезда Светлана Цеца Ражњатовиќ која што ќе одржи неколку часовен спектакуларен концерт како пред публиката и граѓаните од Македонска Каменица, така и пред сите оние кои ќе сакаат да бидат дел од големиот концерт, големото затворање на овогодишното издание на Каменичкото културно лето.
Организаторите очекуваат дека во трите музичко-забавни вечери, од 26-ти до 28-ми август во Македонска Каменица ќе дојдат повеќе од 50 000 гости кои покрај концертите ќе може да видат комплетно аудио-визуелно шоу и спектакуларен огномет. Концертите се оддржуваат по повод одбележувањето на 20-годишнината на општина Македонска Каменица. Специјализираниот македонски музички портал Музика24 е дел од медиумските покровители на овогодинешното издание на Каменичко културно лето.
Подготви: Марија Поповска
Видео: ТВ Стар – Штип