Во прв ред

“Џун”, Гоце Саф и ЛД Пистолеро дел од концертот на “Фулиш Грин”

“Фулиш Грин” (Foolish Green), најавувајќи го својот деби албум, во декември 2012 го претставија новогодишниот сингл “Лајка”, а неодамна на You Tube каналот го објавија и своето прво  live видео за песната “Sun is gone”. Нивниот албум “Escape” официјално ќе биде објавен до крајот на овој месец, а бендот веќе ги открива деталите и за неговото концертно претставување пред публиката, закажано на 15-ти март 2013, во арт киното “Фросина” (МКЦ, Скопје).

Како предгрупа на нивниот концерт ќе настапи “Џун”, бендот кој изминатата година го промовираше својот деби албум “Someday Soon” и веќе остава значајна трага на македонската музичка сцена, претставувајќи ја емотивната страна на префинетиот инди поп. Но ова ќе биде концертна вечер која нема да заврши со Foolish Green, туку по нивниот настап групата најавува и “afterparty” со докажаните хип хоп артисти на домашната сцена, диџеј Гоце (Саф) и ЛД Пистолеро. Почетокот на концертот е закажан во 21:30 часот. Влезниците за концертот наскоро ќе бидат достапни во продажната мрежа на МКтикетс. Нивната цена во претпродажба ќе биде 200 денари, додека на денот на концертот ќе чинат 250 денари.

“Escape” ќе биде првиот лонг-плеј албум на “Фулиш Грин”, но и едно од ретките изданија од ваков тип на музички правци на нашите простори, на кој ќе бидат претставени вкупно 12 композиции. Деби албумот, кој ќе биде објавен за издавачката куќа “Пасворд Продакшн”, е снимен во домашно студио, со мастеринг на Дарко Спасовски – Пацки, додека зад музиката се потпишува Ненад Стефановски – Брус. Концептот за обвивката на албумот и дизајнот се на Мики Стефановски.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: