Балканската ѕвезда Здравко Чолиќ ќе одржи концерт на јубилејното издание на музичкиот фестивал „Joy fest“, кој ќе се одржи на 27-ми и 28-ми август во Крива Паланка. Концертот со нетрпение го очекуваат жителите на овој дел од државата, особено кривапаланчани, бидејќи Чола за прв пат ќе гостува во нивниот град.
“Секогаш е убаво кога ќе се пее, ние со години уживаме во гостите на „Joy fest“. Тоа некако ни доаѓа како круна на летото, бидејќи по фестивалот за неколку дена почнува училишната година. Но, овој пат е посебно, бидејќи нема кој не го сака Чола и да ги слушне неговите безвременски хитови, но да го видиме во живо”, велат жителите на Крива Паланка.
А дека се очекува спектакл покажува и фактот дека Здравко Чолиќ на концертот доаѓа со речици цела продукција, над 40 луѓе. Концертот ќе се одржи на 28-ми август на градскиот стадион, а влезот е слободен.
„Joy fest“ изминава деценија докажа зошто важи за еден од најдобрите музички фестивали. На сцената продефилираа многу познати музички имиња од дома и странство. Реномираниот „Joy fest“ го слави 10. роденден со вистинско уживање за музичките сладокусци.