Концертот на Стинг само за вистинските љубители на Rock and roll-от, затоа што нема је… гратиси (Видео)

Денес во хотелот “Парк” околу 11 часот се оддржа веќе најавената прес – конференција по повод долгоочекуваниот и најавуван концерт на една од најголемите рок ѕвезди на сите времиња, легендарниот Стинг. Историски настан кој ќе се одржи на 2-ри јуни на Градскиот стадион во Скопје, во рамки на четвртото издание на фестивалот “Skopje Calling”.

Стинг доаѓа во Скопје во рамки на неговата турнеја “My Songs”, вчетврток излегува и неговиот најнов албум под истото име. Оваа светска турнеја опфаќа повеќе светски градови, а како што напоменаа од Авалон продукција, за времетрање на оваа негова турнеја настапот во Скопје ќе биде единствен настап на голем стадион како што е нашиот. Тие уште велат дека концертот ќе биде со спектакуларна продукција, ексклузивно пред новинарите открија дека ќе биде поставена иста бина како што била и се поставува на фестивалот “Exit”. Екипата на Стинг доаѓа два дена порано, бидејќи станува збор за стадионски концерт што бара и многу повеќе работа.

“Македонија многу празници има, државни, верски… секакви, некои реални некои пак ново компонирани, ама за нас што ја работиме оваа работа празници се концертите што ги работиме”, со ова Бобан Милошевски го започна своето излагање во врска со претсојниот концерт.

“Кога продукцијата е во прашање не доаѓа нешто слично на мејн стејџот на “Exit”, туку доаѓа комплетната продукција која што го опслужува мејн стејџот на “Exit” фестивал. Тоа е таа иста продукција со која што ние сме ги работеле Iron Maiden на Калемегдан, тоа е истата продукција со која што сме го работеле концертот на Amy Winehouse и на Moby на Калемегдан, така да сето тоа ќе биде на највисоко можно светско ниво, како што и единствено можно со тој тип на артисти. Сакам да расчитиме една работа. Ова не е концерт кој што ќе има 60.000-70.000 илјади посетители. Реално очекувана посета е од 25.000-30.000 илјади посетители, затоа што нема јебени гратиси и не се делат карти на сите страни”, додаде Милошески.

На прес – конференцијата учествуваше и македонски виртуоз на гитара, Влатко Стефановски кој всушност ќе биде специјалниот гостин на концертот на Стинг. Влатко пред новинарите во врска со концертот на Стинг како негов специјален гостин го кажа следното:

“После толку многу години Скопје порасна некако, и со публика и со продукциска сила и со организациони способности и со хотели и со логистила… некако имам чувство дека пораснавме во многу сегменти. Така што ништо не се случува случајно. Ова што се случува веројатно е резултат на многу децениски припреми за да се случи еден таков спектакл како што не очекува на 2-ри јуни”, изјави Влатко Стефановски. Тој меѓудругото додаде:

“Се надевам дека ќе имам прилика барем на пет минути да го запознаам и да му ги пренесам моите комплименти. И инспирацијата која што патем ми ја дал низ сите овие години. Многу ѕвезди има во шоу бизнисот, но малку музичари. Секое второ големо име е ѕвезда, ама не секое десето име е добар музичар. За Стинг не важат овие математики, бидејки тој е навистина голем музичар, голем музикант и посветеник на музиката човек што инвестирал и во многу скапо студио, во многу добри музичари низ текот на годините и навистина заслужува еден голем, голем респект”, додаде Влатко Стефановски кој всушност и ќе го отвори концертот со негов настап.

Музичката ѕвезда Стинг во пресрет на концертот испрати видео порака до македонската јавност:

https://www.facebook.com/AvalonProdukcija/videos/442664029869086/

Инаку, цената на билетите за концертот на Стинг се движи од 1.500 денари за партер, пред бината за 3000 денари, сребрени седишта по 2000 денари, златни седишта 3000 денари и ВИП за 5000 денари.

Повеќе на Музика24...