Нашата македонска метропола која е позната по разно-разни настани, концерти и манифестации, одамна не памети светски настан кој реално го менува начинот на живот и размислување, па макар тоа било и на неколку часа. Во Скопје се случи “Skopje Calling”, настан кој знаеме и убедени сме дека долго ќе се памети и долго ќе се прераскажува. Едноставно, Скопје, Македонија не памети ваква светска голема журка на толку голем простор досега.
Ова всушност беше првото издание на овој култен фестивал, кој веруваме многумина со нетрпение го очекуваат следното, второ, трето… издание со многу светски и на далеку познати музички имиња.
Како што беше и најавено од страна на организаторите, Авалон продукција на кои сите можеме слободно да им честитаме за она што се случуваше, на сцената на националната арена “Филип Втори” се појави токму тој, мега популарниот Дејвид Гета за кој дури 25.000 илјадна публика се собра да ужива во неговите хитови и соработки со светските познати музички имиња.
“Мене ми е прв пат овде, а Вам?!”, рече Гета мислејќи пред се на неговото прво гостување во Скопје и националната арена “Филип Втори”. Неговиот настап започна точно на полноќ, а освен светските хитови кои публиката не ја оставаа рамнодушна, мораме да ги споменеме и совршените, првокласни и воодушевувачки ефекти кои досега никој и никогаш во Скопје и Македонија ги нема реализирано.
Освен со Гета, присутната публика уживаше и со германскиот продуцент Роберт Шулц и ѕвездата од Косово, Ера Естрефи која ја испеа својата единствена песна “Bonbon” и си замина од сцената, потег што публиката за миг ја разочара очекувајќи поздрав, уште една песна или едноставно малку повеќе внимание.
Интересно е тоа што организаторите на првото издание на “Skopje Calling”, за прв пат во Европа за овој мега настан го употребија звучниот систем EAW AHSA, кој овозможува еднаква дистрибуција на звукот до секој посетител без разлика на позицијата, што навистина можеше да се забележи и да се почувствува.
И балканската позната пејачка Северина која што викендов имаше настапи на неколку приватни забави во Скопје, заедно со својот сопруг Игор беа дел од илјадната публика која што уживаше во она што за прв пат вистински и беше понудено.
Скопје за прв реално беше вистинска светска метропола!
Текстот го подготви: Иван Јосимовски
Фотографии: Популарно.мк / Старт.мк