Центарот за култура – Битола ги најави првите изведувачи на јубилејното 15-то издание на Фестивалот на музика од светот. Се работи за авангардниот словенечки индустријал состав „Лајбах“ кој во рамки на својата европска турнеја „Love is still alive“ ќе гостува во Битола на 25-ти ноември. Бендот кој претставува музичко крило на движењето Neue Slowenische Kunst (NSK) e основан во 1980 година и во тој период често беше предмет на контроверзии и забрани.
„Ние влегуваме во нивната есенска светска турнеја и се запишуваме на мапата на нивната турнеја покрај 20 други градови како Луксембург, Лондон, Малме, Амстердам, Варшава, Виена, Братислава итн. Идејата да ги поканиме во Битола е од 2018 година, но за жал ни се случи пандемијата кога беше невозможно да имаме бенд од ваков калибар со ограничено присуство на публика. „Лајбах“ пред неколку месеци гостуваше на фестивал во Скопје, но она што ќе се случува во Битола е нешто поразлично. Не очекува целовечерен концерт и едно поинакво визуелно, музичко и театарско доживување“, истакна маја андоновска – илијевски, директор на центарот за култура.
Преостаната програма на фестивалот во најголем дел е веќе договорена и ќе биде објавена во ноември.