Во прв ред

Македонија се претстави на 48-то издание на “Мидем”

Од први до четврти овој месец во Кан, Франција по 48-ми пат се одржа најстариот, најголемиот и најзначајниот саем на музика во светот – “Мидем”. Оваа година саемот го посетија  6.500 гости од 3000 водечки музички компании од 75 држави од целиот свет. Според организаторот на “Мидем”, овие бројки се позитивен знак за “заздравување и пораст на обемот на музичката индустрија на светско ниво”.

Нашата држава се појави како излагач со сопствен штанд под уставното име Македонија. Интересен е податокот дека за време на саемот македонскиот штанд го посетија неколку илјади гости и со себе понесоа примероци од луксузниот музички промотивен материјал специјално изготвен за оваа прилика, а домаќинот на македонскиот павиљон и носител на штандот Иво Јанкоски оствари и многубројни средби со водечките музички куќи од целиот свет.

За нашата музика годинава посебен интерес покажаа далечните земји како Малезија, Тајван, Јапонија, Бразил и др. Македонската музика ја промовиравме со каталог во печатенa форма, како и ДВД и ЦД во електронска форма: каде се претставени моментално најзначајните “извозни музички брендови”, компании, фестивали и институции од македонската музичка сцена. Промотивниот ДВД и компакт диск содржат информации и контакти, како и музика од моментално најпопуларните музички ѕвезди од различни жанрови: поп, рок, етно, џез, рап, хип-хоп итн.

За времетраење на саемот паралелно се одржаа четириесетина конференции и дебати посветени на развивање на системите за заштита на авторските права и новите стратегии во дигитална продажба и пласман на музиката на светско ниво на кои Македонија зема активно учество. Своите искуства на ова поле ги презентираа многубројни експерти и директори на најголемите, рекорд компании и инернет продавници, а како специјални гости се појавија: се попопуларната британска поп ѕвезда, Рита Ора и француската музичка легенда и актуелен претседател на здружението “ЦИСАК”, г-динот Жан Мишел Жар. Учеството на Македонија и претставувањето на македонската музика на “МИДЕМ” е со подршка на Министерството за Култура на Република Македонија.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: