Во прв ред

Македонската премиера на “Ѓурологија” на нова локација

Поради големиот интерес за несекојдневната монодрама “Ѓурологија” и ограничениот капацитет на првично најавениот простор (кино “Фросина”, МКЦ), македонската премиера на новиот авторски хит на легендарниот актер Бранко Ѓуриќ Ѓуро е преместена на нова локација. На 3-ти декември, популарното антистендап шоу “Ѓурологија” ќе се одржи во Дом на АРМ во Скопје, со цел што поголем број од заинтересираните да можат да бидат дел од единственото прикажување кај нас на најгледаната претстава во регионот.

Почетокот на претставата е закажан во 20:00 часот, а влезот за посетителите ќе биде отворен од 19:00 часот. За најверната публика, односно оние кои веќе ги купиле билетите, кои беа без нумерирани седишта, во Дом на АРМ ќе бидат резервирани првите редови од партерот!

Оние пак, кои се уште не ги набавиле своите влезници, истите можат да ги купат по цена од 400 денари во претпродажба, преку продажната мрежа на МКтикетс.

“Ѓурологија” – антистендап шоуто како што самиот актер сака да го нарекува, е своевиден непосреден и искрен разговор со публиката и збир на неговите размислувања кои ги претставува на забавен начин и тоа за работи кои го засмејуваат, но и го нервираат во секојдневниот живот. Збирката на размислувања на извонредниот хуморист, режисер и актер, не престанува да ги полни арените ширум регионот.

Со босански шарм и долгогодишното актерско искуство на Бранко Ѓуриќ Ѓуро, кое посебно се истакна во култниот проект “Топ листа надреалиста” имате гаранција дека публиката 90 минути ќе ужива во претставата “Ѓурологија” со поднаслов “Шио ми га Ѓуро”. За само неколку месеци, оваа стенд-ап комедија веќе ја виде огромен број на публика, како на Балканот, така и во Америка и Канада, каде што неколку вечери по ред во преполните сали публиката се смееше речиси два часа без престан. Убедливиот рекорд досега дефинитивно се белградскиот “Дом синдиката” каде што популарниот “надреалист” настапи шест пати и секако “БКЦ” во Сараево со над 10 распродадени претстави.

Балканците се познати по тоа дека секогаш на сите проблеми гледаат од духовитата страна и во најтешките моменти знаат да најдат причина за смеење и добар хумор. Овој менталитет веројатно е најдобро пресликан токму во врвниот талент на Ѓура. Бранко Ѓуриќ Ѓуро, на некој начин секогаш е актуелен и забавен, па по 25 годишна кариера се чини дека дури и не мора да направи нешто ново – тука се “Топ листа надреалиста”, легендарните стари филмови, хитовите на “Бомбај штампа”…

Иако самиот вели дека квалитетот на хуморот не е променет, туку луѓето денес поретко се смеат, со својот нов хит “Ѓурологија” тој го покори регионот со смеењето како значајна терапија против суровото секојдневие.

На крајот од годината и Скопје ќе има привилегија да се смее и забавува со неповторливиот Бранко Ѓуриќ – Ѓуро и несекојдневната монодрама “Ѓурологија”, која кај нас се одржува во рамки на офф-програмата на 17-то издание на “Таксират” фестивалот.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: