Во прв ред

Мартин Гарикс главна ѕвезда на “Скопје колинг 2017” (Видео)

Најжешката глобална ѕвезда во моментов, Мартин Гарикс, за прв пат како број 1 диџеј во светот доаѓа во регионов и тоа како главна ѕвезда на фестивалот “Скопје колинг 2017”, најавија од Авалон продукција. После феноменалниот почеток на “Скопје колинг” минатата година, со настапите на хитмејкерите Дејвид Гета, Робин Шулц и Кунгс, годинава Скопје ќе биде домaќин на човекот којшто не е само најголема диџеј ѕвезда во светот во моментов, туку е и ултимативен глобален суперстар на целата планета. Настапот на Мартин Гарикс ќе се одржи во рамките на фестивалот “Скопје колинг” на 23-ти јуни, на ребрендираниот стадион “Филип втори” (Телеком Арена).

Иако има само 20 години, Гарикс во моментов не само што и официјално е број 1 диџеј во светот, туку тој и со години наназад е неизоставен дел на сите големи фестивалски сцени во светот, како што се “Коачела”, “Ултра мјузик фестивал”, “Тумороуленд” и други, каде настапува единствено како хедлајнер. Светската слава ја стекнува на 17-годишна возраст, со мега-платинестиот хит “Animals”, а во моментов е актуелен со хитовите “In the name of love” со Биби Рекса и “Scared to be lonely” во соработка со популарната Дуа Липа, кои буквално ги покорија сите европски и светски топ листи.

https://www.facebook.com/AvalonProdukcija/videos/1555939401100748/

Пред диџеј сетот на Гарикс, на фестивалот “Скопје колинг 2017” ќе настапат и повеќе имиња, меѓу кои и уште еден светски артист, како и диџеи од регионот кои ќе ја отворат вечерта. Сите детали околу цените на влезниците за настапот на Мартин Гарикс во Македонија и претстојниот “Скопје колинг 2017”, ќе бидат објавени во понеделник на 20 февруари, во 21 часот.

Подготви: Виолета Трајковска

Можеби ќе ве интересира: