Во прв ред

Најпосакуваниот светски диџеј Hardwell премиерно на “Егзит Денс Арена”

Глобалната суперѕвезда Hardwell за прв пат ќе настапи на “Егзит” фестивал на 10-ти јули, во рамки на големата светска турнеја на која го промовира новиот албум “United We Are”. Високотиражниот хитмејкер од Холандија веќе втора година по ред го држи апсолутното прво место на топ 100 светската диџеј ранг листа, а воедно е и најмладиот на кој тоа му пошло од рака. Директните преноси од спектакуларните настапи во живо со кои Hardwell едно по друго ги освојува најголемите фестивалски бини на планетата, заедно со спотовите и видео блогот на сајтот You Tube вкупно имаат повеќе од милијарда прегледувања. Станува збор за досега незабележан случај на успех на електронската сцена, но и феномен кој одекна ширум светската музичка индустрија.

Само во неколкуте последни месеци, неговите продуцентски вештини ги обезбедија и најголемите глобални ѕвезди како што се Rihanna, Coldplay, Ellie Goulding и 30 Seconds To Mars. Покрај популарните ремикси, најголемиот успех на Hardwell му го донесоа неговите хит синглови “Spaceman”, “Countdown”, “Jumper”, “Apollo” и бројни други. Пред половина година излезе и актуелниот албум “United We Are” со хит сингловите “Arcadia”, “Young Again” и тукушто објавениот спот за песната “Sally”.

Robbert van de Corput уште на возраст од само четири години почнува со часови по клавир, за веќе на 11 години јасно посака да стане диџеј. Со неверојатни само 13 години ја објавува својата прва плоча, а на музиката на овој вундеркинд од холандскиот град Бреда, за време на наредните неколку години танцува публката во најдобрите клубови во земјата. За време на едно од гостувањата на телевизија на 16 години, на прашање од водителот, Hardwell одговара дека негов сон е да стане најдобар светски диџеј. На светската диџеј ранг листа дебитира во 2011-та на 24-то место, за само една година подоцна да стигне на 6-то место, а веќе на 25 години неговата тинејџерска желба станува реалност и две години по ред Hardwell е и официјално најбараниот светски диџеј и продуцент.

Влезниците за “Егзит” фестивал сè уште се продаваат по промотивните цени од 3.599 денари, додека единствената влезница за повеќе од десет дена на “Егзит” Авантурата од Петроварадин до Јаз во Будва, можете да ја набавите за само 4.299 денари преку мрежата на Мктикетс и во Југотон (Скопје, ГТЦ, прв кат).

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: