Уникатниот “Д Фестивал” оваа година го прославува своето петто издание кое ќе се одржи за прв пат со тридневна програма и фестивалски камп, од 17-ти до 19-ти јули во Дојран. Во чест на својот прв јубилеј фестивалот подготвува богата музичка програма на повеќе бини и разновидни дополнителни активности за незаборавен провод на своите посетители, а во тоа име ги претставуваме првите изведувачи за петтиот “Д Фестивал”: пионерот во промовирањето на електронската музика ширум Балканот Кирил Џајковски, контроверзното, немилосрдно и најпопуларно српско хип-хоп трио “Бед Копи”, битолскиот состав “Фолтин”, како еден од најуникатните бендови кои ги изнедрила домашната сцена и енергичните “Баилдса” на кои првото издание на”Д Фестивал” им беше отскочна даска во балканската кариера!
Покрај првите потврдени изведувачи, програмата на “Д Фестивал” оваа година ќе претстави повеќе од триесет музички имиња и повеќе изненадувања кои наскоро ќе бидат откриени. Влезниците се веќе пуштени во претпродажба. Четиридневен одмор за 600 денари!
Продажбата на првите влезници за “Д Фестивал 2015” со промотивни цени стартуваше од 20-ти мај. Во рамки на претпродажбата достапни ќе бидат тридневните фестивалски влезници кои вклучуваат и бесплатен камп, а чинат само 600 денари. Кампот на “Д Фестивал” ќе биде отворен на 16-ти јули, веќе ден пред официјалниот почеток на програмата. Покрај фестивалските, ќе се продаваат и еднодневните влезници за “Д Фестивал” по цена од 250 денари (за петок и сабота) и 350 денари (за недела).
Претпродажбата ќе се спроведува до 1-ви јули и се однесува на ограничен број на влезници, па ги советуваме сите посетители кои ќе одлучат да бидат дел од јубилејната прослава на “Д Фестивал” и најдобрата летна фестивалска атмосфера кај нас, да бидат брзи за да ги искористат поволностите на овој контингент влезници.
Цената на еднодневните влезници ќе чини:
Ден 1 (17-ти јули) – 250 денари
Ден 2 (18-ти јули) – 250 денари
Ден 3 (19-ти јули) – 350 денари
Фестивалска влезница (+ бесплатен камп) – 600 денари
Подготви: Редакција Музика24