Во прв ред

Не постои немирна вода што звукот на кавалот не може да го смири (Фото)

На покана на градоначалникот на бугарската општина Гоце Делчев, господинот Владимир Москов и неговата соработка со градоначалникот на општина Белица, господинот Радослав Ревански, ансамблот Танец на 21 и 22 декември одржа два концерта во соседна Бугарија и уште еднаш потврди дека е трајна вредност која на свој единствен начин, преку своето уникатно презентирање на македонската култура, ги премостува сите бариери кои не можат да ги решат ниту бројните самити и политички договори.

Концертот во Белица се случи речиси после 60 години од последното гостувањето на ансамблот во ова место во далечната 1964 година, а концертот во Гоце Делчев уште еднаш покажа дека оваа публика особено го цени македонското фолклорно наследство и музичко-сценското богатство кое веќе 75 години го негува Танец.

Гостувањето на Танец во Бугарија, во тамошните медиуми се коментира како незаборавен спектакл. На официјалната страница на општината Гоце Делчев, со која раководи градоначалникот Владимир Москов, чија содржина беше превземена и од бугарските портали, се вели:

„Полна сала, прекрасни изведби, возбудена и задоволна публика и многу расположение за претстојните празници, создадоа пејачите, играорците и инструменталистите на најголемиот македонски ансамбл „Танец”. Концертот во спортската сала „Неврокоп Арена” беше божиќно-новогодишен подарок за народот. Националниот ансамбл „ТАНЕЦ” е најголемиот фолклорен ансамбл основан во 1949 година со цел зачувување, негување и презентирање на богатото културно наследство на Македонија. Од тогаш до денес, ансамблот „Танец” ги проучува, обработува и сценски ги презентира народните ора, песни, иснтрументални мелодии и носии. Високо професионалното претставување на автентичниот фолклор ја плени публиката ширум светот. Директор на ансамблот е Мартин Вучиќ, а во ансамблот работат 80 професионални играорци, инструменталисти, пејачи, автори на музика и кореографи. Танец е познат по својата совршена игра, пеење и ненадмината колоритност на своите изведби. Токму во таквиот уникатен спектакл – екстраваганца од песни, ора, музика, народни носии, насмевки и многу талент, беше потопена публиката во Гоце Делчев за време на настапувањето на ансамблот. На концертот, освен градоначалникот на општината Владимир Москов, присуствуваа и Неврокопскиот митрополит Серафим, народниот пратеник Богдан Боцев, претседателот на Советот на општината Иван Геров, заменик градоначалникот Саид Иброш, над 1000 луѓе од градот Гоце Делчев кои го сакаат фолклорот и го ценат богатството на народната музика. За сите нив ова гостување на Националниот фолклорен ансамбл „Танец ” ќе биде незаборавно сеќавање и едно од највозбудливите и најубавите доживувања во пресрет на претстојните божиќни празници”.

После успешното гостување, анасамблот Танец беше на прием кај Невропскиот митрополит Серафим, кој им упати убави зборови и новогодишни желби, благословувајќи ги со добро здравје, среќа и уште многу возвишени уметнички мигови на сцена .

Можеби ќе ве интересира: