Во прв ред

Пехчево се подготвува за Фестивалот на трубите

Пехчево од 10-ти до 13-ти јули ќе биде домаќин на тридневниот Фестивал на трубите кој традиционално се одржува во овој град. За златна труба и учество на Гуча ќе се натпреваруваат 9 трубачки оркестри од Македонија. А овој град од Малешевијата е подготвен да пречека над 20 илјади гости во трите фестивалски вечери.

“Минатата година бевме презадоволни од посетата и по некоја наша анализа имавме приближно околу 20.000 илјади посетители. Оваа година очекуваме ако не дупло, тогаш оваа бројка да е далеку поголема”, изјави организаторот и градоначалник на Општина Пехчево Г-дин Игор Поповски.

Инаку на овој веќе традиционален настан ќе настапат и познатите фолк музички имиња Ефто Пупиновски, групата “Нели ти реков”, Анета Мицевска и групата “Молика” како и “Танец” кои ќе имаат свој настап. Освен тоа, фестивалот на трубите за овој регион претставува посебна туристичка понуда за туристите кои досега немале можност да ја посетат Малешевијата, а истовремено со овој настан самата Општина како и локалните жители имаат и економски бенефит од истиот.

“За Пехчево економски е секако бенефит плус, посебно за луѓето кои ги држат тезгите и за време на фестивалот се вклучени во давање разно разни услуги”, додава градоначалникот Поповски. Се со цел сите присутни на фестивалот да бидат одлично сместени, ставени се сите расположливи сместувачки капацитети, а прв пат тревното игралиште во овој град ќе биде наменет за кампување каде се очекуваат голем број на кампери.

“Се соочуваме со проблемот на сместувачки капацитети. Во соработка со колегите планираме да обезбедиме приватно сместување за сите учесници, односно да отвориме информативен центар кои што ќе ги информира гостите кои доаѓаат од другите градови и места и кои сакаат да преспијат во Пехчево, ќе ги информираме за приватното сместување, каде можат да најдат и по која цена”, изјави директорката на фестивалот Марија Ризовски. Оваа година Општина Пехчево за овој културно-музички настан ќе издвои 700 илјади денари за реализација на истиот.

Подготви: Магдалена Атанасовска

Можеби ќе ве интересира: