По шести пат се оддржа традиционалниот концерт “Узун за Узун” (Фото)

Во саботата во Домот на хуманитарни организации “Даре Џамбаз” се оддржа традиционалниот концерт “Узун за Узун”. Освен концертот кој се одржува шеста година по ред, постхумно се чествуваше роденденот на големиот македонски уметник, кантавтор и композитор Јанко Узунов. Салата беше премала да ги собере сите заинтересирани, негови колеги, соработници и почитувачи на неговите антологиски дела.

Водителка на настанот беше препознатливата Катерина Стојановска Десковска од Македонската телевизија, која ја паметиме и како водител на неколкуте музички фестивали во изминатиот период. Таа на самиот почеток ги замоли присутните со едно минутно молчење да му оддадат почит на прерано починатиот Јанко Узунов, а потоа ја покани неговата сопруга Жаклина Узунова која воедно беше и домаќинка на настанот да ја превземе улогата на водител и да продолжи со концертот.

Таа пак, не штедејќи се со искрени емоции им откри на присутните каков добар и срдечен човек беше Јанко и колку и недостасува, но исто така призна дека неговите дела ја обврзуваат да го чува и негува споменот за Јанко, бидејќи тој беше голем родољуб и човек кој бескрајно ја сакаше својата татковина Македонија. Меѓудругото, таа ги најави неколкуте негови колеги како и заеднички домашни пријатели од неговиот роден крај Валандово, како и од другите градови кои со своето присуство и учество го збогатија овој традиционален концерт.

Концертот започна со Влатко Вучков, колега и добар пријател на Јанко, валандовчанец кој што заедно со маестро Ристе Тушевски на хармоника и во придружба на познатиот тапанар Ѓорѓи Лазаров ја изведе песната “Те сакам песно Македонска”, која своевремено ја напишал Јанко Узунов. А потоа се редеа настапите на Ванчо Тарабунов кој со пригоден говор се осврна на значењето на творештвото на Узунов и во негова чест ја отпеа песната “Трба трби Гевгелија”, како што кажа самиот тој, оваа песна му била една од омилените на Узунов. Веднаш потоа водителката и домаќинка Жаклина Узунова на сцената ги повика младите пејачи Кристијан Демјански и Мими Јовановска кои пред пристутната публика во чест на Јанко заедно ја отпеаа песната “Момчето со мандолина”. Естрадната новинарка Валентина Ѓорѓиевска-Парго со чаша вино му се заблагодари на Јанко Узунов за сите убави дела што ги остави во аманет на својата земја и заедно со учениците на школото “Узун” отпеа дел од песните што ги напишал Јанко.

Своето сеќавање на Јанко Узунов пред присутните го изнесе и познатиот музиколог Костадин Костадиновски, а веднаш потоа на сцената Горан Симевски отпеа една од своите песни. Концертот потоа продолжи со претставување на учениците од школата за гитара “Узун”, каде голем број на ученици поединечно преку соло точки се претставија пред публиката и го демонстрираа своето досегашно знаење, за кое добија соодветен громогласен аплауз.

Пред самиот крај на концертот на сцената настапија и “Распеаните Валандовчани” кои заедно со Жаклина узунова ги отпеаа песните “Стариот џумбушлија” и хит песната “Очите ми плачат за сакање”, песна која далечната 1986-та година Јанко Узунов ја отпеа заедно со Смиља Андонова.

Овој голем настан кој пред се има емотивно значање, освен од Жаклина Узунова и музичкото школо “Узун” беше организиран во соработка со Црвениот крст на град Скопје, а средствата кои беа собрани за време на концертот, организаторите одлучија да им ги донираат на бездомниците. Се надеваме дека следното седмо издание од овој традиционален концерт ќе биде поддржано од страна на државните институции, Министерството за култура и останати подржувачи на музиката и делото на Јанко Узунов, бидејќи тој навистина и тоа го заслужува.

Повеќе на Музика24...