Во прв ред

По втор пат во Струмица се одржа „Get EXITed“ забавата

Синоќа во Струмица по втор пат се одржа големата целовечерна забава „Get EXITed“ во организација на тимот на „ЕГЗИТ“ фестивалот во соработка со Општина Струмица.

Забавата ја отворија Џамбо Агушеви Оркестар, еден од најдобрите трубачки ансамбли на Балканот, а по нив на бината застана регионална уметница Констракта со својот бенд „Земља Грува“.

По Констракта, гитарскиот звук го донеса рок легендите, групата „Ван Гог“, по која следуваше специјалниот хибриден настап на светската поп и соул сензација Џон Њуман. По него публиката ја разигра глобалниот хитмејкер, продуцент и диџеј Бурак Јетер, додека во завршницата на втората по ред „Get EXITed“ журка беше задолжена силната женска поддршка од светот на електронската музика-младата продуцентка и диџејка Lanna и The Geors.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, чест и задоволство што втора година по ред се одржува „Get EXITed“ во Струмица.

„Сигурен сум дека ќе го имаме и наредната и понаредната и се додека можеме да шириме позитивна енергија на Балканот тоа ќе го правиме оти нештата кои можат да не обединат се таквите настани“, рече Костадинов.

За основачот на EXIT фестивалот Душан Ковачевиќ, овој проект ја враќа вербата и надежта дека подобрата иднина е можна не само на овие простори, туку во целиот свет.

„Тоа е суштината на овој проект, бидејќи токму на Балканот се случија некои лоши работи во векот кој е позади нас. Овие проекти се многу важни да посеат надеж дека е можен некој подобар свет“, рече Ковачевиќ. Забавата ја следеа голем број посетители од Струмица, земјава и соседните држави, а се одржа во Големиот градски парк во Струмица.

Можеби ќе ве интересира: