Македонскиот музички состав ПМГ Колектив вечерва во Станица 26 ќе го промовира шестиот албум насловен “#ExYou”(#ExYou). “#ExYou” е албум кој содржи девет песни, кои сликаат еден современ, урбан скопски, па и македонски пејсаж; авантуристички поп албум со позитивен став и поглед напред, или како што се вели во песната Среќен – “Среќен, научи да бидеш среќен”. Музички издржан, инспративен, динамичен и забавен македонски електро поп албум.
“#ExYou”(#ExYou) или “поранешен ти” е игра на зборови, именување на албумската целина која музички претставува еден интимен, но во исто време и брутално јавен поглед кон себе и градот како неодвоив дел од идентитетот. Поглед кој ја зема личната или превземена меморија од едно време (како што се вели во песната 80-ти – “Мала, јас сум фраер одамна во градот, уште од 80-ти”) и дава една жива, пулсирачка, совремна слика на нас и градот (како што се вели во песната Култура – “Тоа е нашата слика – Култура”).
ПМГ Колектив работеше на албумот година и половина. Албумот излезе на 2-ри април, како 119-то издание за македонската издавачка куќа ПМГ Рекордингс. Освен во ЦД формат, албумот може да се спушти бесплатено на веб страната на ПМГ Рекордингс. Албумот беше најавен со три сингл изданија: 80-ти (2014), Ретко те гледам со девојки (2015) и Ти си мојот свет (2015). Вечерашниот концерт е негова промоција пред домашната, скопска публика. Освен концертот, вечерта ќе биде надополнета и со Ди Џеј сетови на Нино Наумов (пред) и Мирко Попов (по концертот).
ПМГ Колектив во текот на овој месец го промовираа албумот “#ExYou” со концерти во неколку македонски градови, Куманово, Струга, Гевгелија и Тетово. Исто, така имаа и мала турнеја во поранешна Југославија и успешна концертна презентација во Сараево и Сплит, која во текот на јуни ќе опфати и други градови од овој регион. Додека пак во Македонија, веднаш по концертот во Скопје, на 17 април следува концерт во Велес. Концертната промоција во Македонија ќе продолжи во следниве два месеца.
Подготви: Редакција Музика24