Во прв ред

Радио 106 од Битола и оваа година ги прогласува најдобрите

Како и изминатите години, така и оваа, Радио 106 од Битола ќе ги прогласи најдобрите артисти и нивните изданија, а сето ова се однесува на светската музичка сцена. Овој проект битолското радио го започна уште во 2001-та година во обид да го преточи вкусот на битолската и македонската музичка публика во церемонија на доделување на награди од типот на познатите Grammy, Brit, и сличните на нив, но, според вкус, мислење и според тоа колку и кои од песните биле популарни кај нас.

Па според тоа, секоја година Радио 106 продуцира и емитува повеќечасовна спектакуларна шоу програма во која ги прогласува најдобрите хитови и музичари во вкупно 20 категории, меѓу кои се категориите за најдобра поп, рок, латино, хип хоп, р&б, денс, саундтрак песна, најдобар ремикс, продуцент, машки, женски артист, најдобра група, хит на годината според Радио 106 и хит на годината според слушателите. Меѓу артистите со најмногу номинации, односно шанси за победа во категориите се Mark Ronson кој има 9 номинации, The Weeknd има 7, Major Lazer 6, Omi и Ellie Goulding имаат по 5 номинации, а по 4 или помалку шанси за победа имаат: Wiz Khalifa, Selena Gomez, Nicky Jam, Adele, Calvin Harris, Ed Sheeran, Taylor Swift, Sia, Jason Derulo, Pitbull, Macklemore & Ryan Lewis, Silento, Maroon 5, Cris Cab, Kendrick Lamar, Justin Bieber, Hozier, James Bay, Fifth Harmony, Years & Years, Jessie J, Osmani Garcia, Chris Brown, Ariana Grande, David Zowie, David Guetta, Lost Frequencies, Gregory Porter, Andreea D, Lukas Graham, Florence & The Machine, Fall Out Boy, Walk The Moon, Leonard Cohen, Max Martin, Skrillex, Kygo, Drake, Alessia Cara и уште многу други познати музички имиња.

И оваа година, шоуто ќе изобилува со ексклузивитети, како интервјуа со познатите музички ѕвезди, меѓу кои и Jason Derulo, Adele, Major Lazer, Omi, Ellie Goulding, Mark Ronson, Taylor Swift, Hozier, Justin Bieber, Macklemore & Ryan Lewis, Selena Gomez и Nick Jonas и со концертни изведби на најпознатите хитови на годината.

Во шоуто се воведени и две новини со кои се ажурирани пропозициите и правилата на шоуто. Една е сосема нова категорија – “Најдобра Латино Песна”, која е воведена како предпоследна 19-та категорија и уште една новина е во последната категорија “Специјално Признание за Животно Дело”. До сега во оваа категорија имаше само по еден артист или група, а од оваа година бројот на добитници на ова признание ќе биде неограничен. Специјално признание за животно дело низ годините добивале: Michael Jackson, Madonna, U2, Prince, Depeche Mode, Stevie Wonder, Bob Dylan, Rolling Stones, Red Hot Chilli Peppers, Bruce Springsteen, Sade, Simply Red, а за 2015. вакво признание добиваат трите музички легенди: Sting, Eric Clapton и REM.

Шоуто премиерно ќе се емитува на фреквенцијата на Радио 106 на еден ден пред Нова година, односно, 30-ти декември, со почеток во 15:00 часот. Гласањето е во тек, а комплетната листа на номинирани во сите категории, пропозициите и повеќе детали можете да прочитате на веб страната на ова битолско радио.

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: