Целосно е распродаден концертот на етно групата “Љубојна” на 20-ти декември во Универзалната сала во Скопје. Поради тоа, “Љубојна” на истата локација ќе одржи уште еден концерт и тоа на 21-ви декември, односно следниот ден. Концертите почнуваат во 20:30 часот.
На концертите под наслов “Љубојна музика на дланка” ќе има музика од нивниот последен албум “Незгаснати огништа”, како и хитови од нивните претходни албуми. Влезниците и за вториот концерт веќе се во продажба преку продажната мрежа на Купи карти за се и билетарницата на Универзална сала. “Љубојна” ќе одржи концерт и во Битола на 27-ми декември во Домот на културата.
Групата, која ја негува македонската традиционална музика, досега ги има издадено и албумите: “П.С.О.”(2005) со музика компонирана за театарската претстава “Парите се отепувачка” според драмата на Ристо Крле, “Macedonia fresh” (2008) со чалгиска музика, “Песна за мојата песна” (2009), направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски, “Ljubojna in life” (2011) – концерт снимен во живо, во Универзалната сала во Скопје, како и “Ljubojna Brass Fantasy” (2012) снимен со голем дувачки оркестар.
Подготви: Редакција Музика24