Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во рамки на оф-програмата на 17-от Таксират фестивал, ја закажува новата средба со фановите од Македонија на концерт кој ќе се одржи на 30-ти ноември во МКЦ во Скопје. Некогашниот лидер на култната група “Хаустор”, која беше еден од предводниците на “новиот бран” од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, со своето “Карго Трио” се враќа пред македонската публика со промоција на извонредниот и веќе одлично прифатен нов албум “Мостови”. Со новиот албум, Рундек Карго Трио годинава одржа бројни распродадени концерти ширум целиот регион и Европа, а со оглед на огромниот интерес кој тој го предизвика, групата ја продолжува промотивната турнеја во чии рамки на наше огромно задоволство се наоѓа и Скопје.
Секогаш необичниот Рундек, веќе одамна го зацврсти своето реноме на вешт и искусен музичар кој е во состојба да го промени музичкиот пристап на секој нов албум, додека истовремено успева да го задржи својот препознатлив печат. Згора на тоа, албумот “Мостови” доаѓа и како круцијален доказ дека авторот и по 35 години кариера е се уште во полн творечки нагон.
Албумот кој официјално беше објавен на 25-ти мај годинава ни носи свеж и поинаков звук од првиот албум на Рундек Карго Трио („Плави авион“, 2010). Дарко Рундек, Душан Враниќ и Изабел Катала овојпат се инспирирани од престојот на Јадран, но на овој албум се вткаени многу стварни и нестварни патувања – од Индија до Франција, од Шведска до вселената…
Незаобиколни се и фантастичните музички критики кои ги собра ова музичко остварување, според кои станува збор за едно од ремек делата на регионалната музичка сцена во последните дваесет години. Албумот е оценет како вистинско ескапистичко патување надвор од орбитата на тажното секојдневие, кое воедно е поглед кон себе и својата средина од која и изникна Рундек.
Најновиот сингл од овој албум “Ima ih”, се чини дека го следи успехот на “Don Juan” со кој и беше најавен албумот. Иако со многу тешка тематика, токму оваа песна публиката на концертите бурно ја препознава, бидејќи ги одразува токму нејзините прашања, тежнеења и побуни. “Мостови” содржи вкупно 11 песни со длабока симболика која Дуцо, Изабел и Дарко ќе ни ја откријат во целост за неколку недели на концертот во Скопје. Публиката ќе има вистинска прилика во посебна атмосфера да ужива со новиот материјал на овој неуморен музички номад кој плени со секоја нова изведба, но и со старите хитови на “Хаустор” кои останаа запаметени како класици на регионалниот рокенрол меѓу кои и песните како “Ена”, “Узалуд питаш”, “Шал од свиле”…
Влезниците за концертот на Рундек Карго Трио ќе бидат достапни во продажба од 1-ви ноември преку МК Тикетс. Цената на билетите во претпродажба ќе биде 300 денари, додека истите на денот на концертот ќе чинат 400 денари.
Подготви: Редакција на Музика24