Уште седум дена до официјалното стартување на овогодинешното издание на “Пиволенд”, а организаторите како и секоја година, и оваа најавуваат голем број на различни вкусови на пива и пива за дегустација, како и одлична музика и загарантирана бесплатна забава. Оваа година, на деветото издание на овој култен музички настан кој оваа година ќе трае 5 дена ќе настапат голем број на музички имиња и групи кои дел од нив веќе некаде сте имале можност да ги видите во Македонија, но повеќето се за прв пат тука и за прв пат на “Пиволенд”.
Од фолк, рок, рап, техно, метал, поп…оваа година “Пиволенд” ќе ги задоволи речиси сите музички вкусови и посетителите комотно ќе можат да одберат која вечер и во кој термин ќе можат да бидат дел и да го посетат годинешниот пиво-ленд настан.
Пет фестивалски денови кои започнуваат секојдневно во 18 часот, а ќе траат се до раните утрински часови. На главната бина ќе може да ги видиме: Нокаут, Дани, Тамара, Тијана Дапчевиќ, Рибља Чорба, Влатко Илиевски и Акустик Дивижн, Чил Плеј, Блек Енд Вајт Социал Клуб, Проџект Орфеус, Јаков Дренковски, Министерке, Ефто Пупиновски, Фолтин, Тотално Опуштање, Флукс, DJ Славе, DJ Глодаракс, Студени Нозе, Трибјут ту Колдплеј, Левис Оркестра и многу други.
Фестивалот секој ден ќе го отвараат победниците од конкурсот за млади бендови. Покрај главната сцена, атрактивен ќе биде и Бла Бла стејџот каде што ќе има учество на најдобрите млади музичари и ди-џеи од андерграунд македонската сцена. На третата бина ќе преовладува електронскиот звук- техно, хаус, прогресив.
Пивото, музиката и вкусните деликатеси се еквивалент на мотото на фестивалот – “Дојди, види, испиј!”. “Пиволенд” по девети пат на Скопско кале од 31-ви август до 4-ти септември.
Подготви: Марија Поповска