Во прв ред

Скопскиот бенд “Новиот почеток” со концертна промоција на новиот албум во МКЦ

Во сабота, на 16-ти мај со почеток во 21 часот, во Младинскиот Културен Центар во Скопје, ќе се одржи концертната промоција на албумот “Јас сум земја” на скопскиот бенд “Новиот Почеток”. Ова претставува четврто издание на бендот кој започна да создава музика во 2002-та година, а во ова издание се Филип Тасевски – Fitz aka Feetz (вокал и гитара), Никола Исаиловски – Fat Cacko (гитара и вокал), Борјан Сандревски (бас) и Стефан Сајковски (тапани).

Албумот “Јас сум земја” е снимен и продуциран од страна на Ивица Јанкуловски – Штраф во “MarryPhat” студио – во периодот од октомври, 2014-та до февруари оваа година. По двата синглови “Јади од лешот свој” (за кој беше објавено и видео) и “Резерватот”, изданието се појави на 16-ти април во целост во дигитален формат, каде е се уште достапно за бесплатно преслушување, но и за дигитално преземање.

На промоцијата на 16-ти мај во Скопје, албумот ќе биде достапен на CD и во ограничена количина на винил. Воедно, ова е прво од четирите изданија на бендот кое ќе биде издадено на плоча. Како специјални гости на концертот доаѓаат Bright Sight од Софија, а ќе настапат и локалните Generiss и Alternative Nation. Влезниците за промоцијата се веќе пуштени во претпродажба на билeтерата на МКЦ. По концертната промоција во Скопје, бендот заминува на нова едномесечна европска турнеја во јуни (04.06 – 28.06), заедно со битолската група Spank.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: