Во прв ред

Со концертна промоција составот „Строг пост“ ќе го промовира својот деби албум

Како што дознава музичкиот портал Музика24, македонскиот музички состав „Строг пост“ во вторник (26-ти декември) со почеток во 21 часот во „Котур“ ќе го промовира својот деби албум, кој воедно е и прв албум на новото музичко издаваштво на „Аксиома“.

„Очекувајте гласен концерт, одлична атмосфера, промотивна цена на компакт дискот и понекое изненадување“, се вели во нивната најава.

Инаку, „Строг пост“ е трио составено од Филип Букршлиев (гитара/синтисајзер), Дени Омерагиќ (бас гитара) и Кристијан Новковски (тапани).

„Тие создаваат музика која осцилира на честопати невидливите граници помеѓу ионака провизорните жанрови стонер рок, психоделичен рок, дум метал, пост рок, панк џез, амбиент исл., сите филтрирани низ внимателно изработено, експериментално сито и решето. Музиката е набиена со брутални и заразни рифови, стегнати во ритам секција која би наликувала на менгеме, кога би сакале визуелно да си ја претставиме“, стои во најавата за настанот.

Албумот го снимаше Ивица Јанкуловски, во студиото „Алшар“, во Скопје, на 27 февруари 2023 година. Јанкуловски, исто така, го направи миксот и мастерингот на албумот, во периодот март-јули 2023 година. Сите песни се компонирани и продуцирани од триото Букршлиев, Омерагиќ и Новковски. Дизајнот на омотот е дело на Кристијан Новковски, а извршен продуцент за Аксиома е Вангел Ноневски.

Можеби ќе ве интересира: