Во прв ред

Со концерт на Каролина Гочева започна 14-от „БИТ ФЕСТ“ (Галерија)

Над 2000 гости, синоќа го исполнија амфитеатарот на античкиот локалитет Хераклеја, на свеченото отворање на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ кое од оваа година има нов концепт. Концертот на Каролина Гочева потврди дека, ваквиот пристап почнува да се реализира уште од првиот ден на фестивалот, а истиот соодветствува со очекувањата на публиката, за културно лето кое нуди квалитетни содржини. Главен иницијатор за новиот содржински пристап во организација на БИТ ФЕСТ е градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој вчеравечер го означи почетокот на културното лето во Битола.

„Битола и вечерва потврдува дека е град кој живее со културата, град во кој низ различни историски периоди се создавале, надградувале и промовирале, карактеристични културни обележја, кои и денес се наше богатство, гордост и должност. Токму затоа и културните настани кои се случуваат во Битола, секогаш треба да бидат одраз на спецификите со кои се гордееме, а преку нив да ја промовираме македонската култура и традиција, притоа водејќи грижа за градење силни меѓународни врски, кои ќе овозможат континуиран напредок во сите области.Во оваа смисла, годинава воведуваме нов концепт на културното лето, кој верувам дека ќе го привлече и задржи вниманието на публиката. Настаните нека бидат потврда на нашите напори да реализираме културно лето какво што и доликува на Битола, а притоа да направиме, културата во Битола да живее во текот на целата година. – рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
На отворањето на БИТ ФЕСТ 2022, присуствуваа голем број битолчани, но и гости од другите градови во државата. Меѓу присутните беа и Министерката за култура Бисера Котадиновска Стојчевска, градоначалниците на неколку соседни општини, претседателката на Советот на општина Битола, Габриела Илиевска, членови на Советот на општината, како и претставници на националните институции од културата и јавните претпријатија од градот.

Каролина Гочева, која е еден од најдобрите женски вокали во Македонија, успеа да внесе прекрасна двочасовна атмосфера низ нејзините големи хитови, меѓу кои „Да е сон“, „Од нас зависи“, „Кажи ми“, „За нас“, „Знаеш колку вредам“ и многу други, а на барање на публиката, со повторно враќање на бис, Каролина Гочева, концертот го заврши со песната „Кој да ми запее“.

Битолското културно лето оваа година се реализира во заедничка организација на општината и културно информативниот центар од Битола. Квалитетните содржини, кои за време на летниот период ќе се случуваат во Битола, најавуваат високо естетско издигнување на фестивалот, креативност, професионализам, негување на традицијата, но и грижа за културниот напредок на градот.

Можеби ќе ве интересира: