Ова лето Струга е во знакот на концертите. Градот со сигурност доживува вистинска музичка и концертна преродба ова лето. Јули донесе богата концертна програма во градот покрај Дрим, како никогаш до сега. Квалитетната концертна понуда која се одвива летната сцена „Сиеста“ забавниот живот во градот го донесе на ново ниво, рамо до рамо со соседниот Охрид.
На самиот почеток на месецот, на 1-ви јули на летната сцена „Сиеста“ се одржа блуз-фиеста со омиленот Игор Џамбазов и неговиот вечен блуз-сопатник Гуру Харе со бендот. На особено задоволство на публиката тоа беше нивни прв концерт во Струга после скоро една деценија. 10 дена подоцна на летната сцена „Сиеста“ гостуваше фронтменот на познатата група „Галија”, Ненад Милосављевиќ – Неша. Тој во акустичен формат ги отпеаа старите, добри песни кои до денес оставаат траги но овој пат обоени со топлиот звук на дрвените инструменти.
Викендов кој следува на истата сцена гостува еден од најпознатите македонски рок состави – „АРЕА“. Во годината кога го слават големиот јубилеј – 30 години, а во рамки на нивната славеничка турнеја тие ќе одржат голем концерт пред струшката публика во сабота (16-ти јули). „АРЕА“ е еден од ретките македонски рок бендови кои 30 години создаваат македонска рок музика и испишуваат успешна рокенрол приказна. Тоа не е се за овој месец ! Веќе на 22-ри јули на „Сиеста“ доаѓаат легендарните „Дивље јагоде“. Бенд со милиони тиражи и безброј хитови. После децении пауза покрај Дрим во живо ќе се слушаат „Jedina Moja“, „Krivo je morе“, „Ne zelis kraj“,„Marija“, „Motori“, „Auto stop“, „Let na drugi svijet“ и многу други.