Супергрупата од двајца, 2CELLOS на Лука Шулиќ и Стјепан Хаузер, познати како хрватите кои го освоја целиот свет, доаѓа во Скопје. 2CELLOS ќе настапат пред македонската публика на 4-ти декември на сцената на Метрополис Арена. Концертот е дел од офф-програмата на “Таксират” кој за своето 17-то издание подготвува повеќе настани кои ги задоволуваат различните музички вкусови. Во тоа име, на овој концерт на “Таксират” кој е организиран во соработка со културната манифестација “Охридско Лето”, маестралните 2CELLOS гарантираат незаборавно доживување и за оние со најпрефинет музички вкус. Дотолку повеќе и поради задоволството што групата прв пат настапува во Скопје и тоа во атмосфера и арена која најмногу доликува за спектаклот кој таа го приредува.
“Ако сакате да видите нешто навистина неверојатно, гледајте ги 2CELLOS во живо. Зачудувачки е! Не сум видел ништо повозбудливо од времето кога во 60-те го гледав Џими Хендрикс.” вели Сер Елтон Џон за 2CELLOS.
2CELLOS во светот “експлодираа” какo You Tube сензација во 2011-та, по видеото во кое на две виолончела свират преработка на Мајкл Џексон. Скромниот и јасен спот за десетина дена беше прегледан 3 милиони пати и… останатото е историја. Виртуозите од малата Хрватска се вивнаа во поп светот, следуваше гостување во ток шоуто на Елен Деџенерис (два пати во само шест месеци) и појавување во емисијата на Џеј Лено. Шулиќ и Хаузер како 2CELLOS гостуваа и во екстремно популарната музичка серија “Glee”, во чија историја влегуваат како првите гости со инструменти во вокалното шоу. Токму таа изведба на “Smooth criminal” на кралот на попот, во придружба на актери од “Glee” дебитираше на жешката Билборд Топ 100 листа на неверојатното 10-то место.
До сега имаат издадено три албуми: “2CELLOS” во 2011-та, “I2ition” во 2013-та, плоча потпишана од славниот Боб Езрин, продуцент кој соработувал со Пинк Флојд, Питер Гебриел, Лу Рид и многу други. На овој албум на 2CELLOS гостуваат Стиви Ваи, Наја Ривера, Ланг Ланг, Цукеро и секако Сер Елтон Џон. На почетокот на годинава го издадоа третиот – “Celloverse” каде покрај преработките на поп песни во препознатливиот стил, Лука и Стјепан додадоа и авторски материјал.
Многу специфично е дека академски музичари со светски признанија за достигнувања во класичната музика криеле таков талент за таков настап и анимација на илјадници луѓе на концерти, генијален хумор и беспрекорна спонтаност. Опуштени и секогаш подготвени да ја доведат публиката во еуфорија.
Билетите за настапот на 2CELLOS кои чинат 800, 1000 и 1200 денари, се веќе достапни во продажба преку мрежата на МкТикетс како и on line.
Подготви: Редакција на Музика24