Во прв ред

Вчера вечер Дино Мерлин одржа совршен концерт во Скопје (Фото)

По одлично одржаниот концерт во Љубљана, Словенија кој се одржа минатиот месец, вчера вечер босанскиот кантавтор Дино Мерлин заедно со својот тим ја преполнија спортската арена “Борис Трајковски” и на македонската публика и подготвија вистински совршен спектакал. Концертот започна со неговата “Шкољка”, тема од неговиот последен албум “Хотел Национал”, а веднаш потоа истиот продолжи со веќе познатите старо-нови хитови.

Еуфоријата и овациите кои ги создаваше неколку илјадната публика составена претежно од млади, како и генерации кои во изминатите 30 години растеле со музиката на босанскиот кантавтор од самиот почеток создадоа фантастична атмосфера која не стивнуваше до самиот крај на концертот и во еден глас ги пееја познатите рефрени од неговиот богат репертоар. “Хотел Национал”, “Ружа”, “Узми овај дар”, “Све док те буде имало”, “Ране”, “Undo”, “Десет малџија”… беа само дел од песните кои одекнаа од грлата на илјадниците фанови кои со своите мобилни телефони го снимаа концертот и правеа селфи фотографии.

Dino Merlin_koncert skopje Dino Merlin_koncert skopjeМерлин со својата непосредност, емотивност, моќна и сугестивна изведба, но и со кореографскиот перформанс на сцена уште еднаш покажа дека е комплетен артист во секоја смисла на зборот, и дека треба да биде за пример за неговите помлади колеги. Доказ дека македонската, а и балканската публика има голема почит кон кариерата и музиката на Мерлин беа многубројните фанови од цела Македонија но и од регионот, Србија и Косово кои организирани во групи пристигнуваа на концертот.

Продуцентскиот и техничкиот тим од 50 луѓе задолжени за реализацијата на турнејата “Хотел Национал” за Дино Мерлин создале посебно дизајнирана бина на три нивоа, додека концертот беше проследен со најсовремените светлосни ефекти, со холограмски проекции на сцена кои ја збогатуваа приказната на песните.

Dino Merlin_koncert skopjeКако што велат организаторите, влезниците за концертот на најголемата балканска ѕвезда беа распродадени неколку дена однапред, а организаторите проценуваат дека на концертот присуствувале повеќе од 10.000 луѓе, пренесуваат регионалните медиуми.

При крај на спектакуларната вечер Мерлин како и на претходните концерти од неговата светска турнеја, публиката ја почести со фантастистично селфи заедно со тимот, кои беа поздравени со големи овации. Кулминацијата на турнејата “Хотел Национал” се очекува на 25-ти јули на најголемиот стадион во Босна и Херцеговина во Сараево, кој ќе биде единствен концерт кој Мерлин ќе го одржи во неговата родна земја.

Подготви: Иван Јосимовски

Фото: Александра Блажевска – Музика24

Можеби ќе ве интересира: