Вечерва бесплатен концерт на Ленче и Горан Кукиќ во Струмица

Фолк дуото Ленче и Горан Кукиќ заедно со нивниот бенд “Јупитер” вечерва ќе одржат концерт пред своите сограѓани во Струмица. Настанот ќе се случува во Центарот за култура “Антон Панов”, со почеток од 20 часот, а истиот е бесплатен.

И минатата година во октомври музичкиот и брачен пар Кукиќ одржа голем концерт за струмичани во Центарот за култура, а како гости се појавија нивните пријатели од регионалното музичко шоу “Никад није касно” каде што и двајцата беа учесници, но и ја однесоа победата, Ленче годинава, а пак Горан пред неколку години. За вечерва повторно најавуваат музички гости, кои ќе бидат изненадување за публиката.

Концертот е насловен “Јупитер за градот” и е по повод празникот на Струмица “Свети 15 Тивериополски Свештеномаченици”, но и начин музичарите да и се оддолжат на својата најверна публика, сограѓаните, кои им ја даваат поддршката речиси три децении, откако функционира бендот.

Ленче и Горан се познати како големи професионалци кои го посветија животот на музиката. По нивните стапки неодамна тргна и нивниот син единец Иван, кој веќе извесен период настапува заедно со маестро на гитара Влатко Стефановски и неговиот син Јан, како “Трио Стефановски”.

Повеќе на Музика24...