По повод големата несреќа која што се случи пред неколку дена во Скопје, македонската музичка естрада се екипира и благодарение на иницијативата на фолк пејачката Елена Велевска, вечерва на градскиот плоштад во Охрид ќе се организира голем хуманитарен концерт, а финансисиките средства од концертот се наменети за настраданите од поплавите што го зафатија Скопје.
Освен Велевска, како глевен иницијатор и организатор на вечерашниот концерт, на истиот ќе настапат: Зуица Лазова, Наум Петрески, Анастасија Петреска, Ѓоко Танески, Петар Нечовски, група “Чардак”, Маријан Коцев, Анета Накова, Татјана Стефановска, Ристе Ристевски, Боби Мојсовски и сите оние хумани музички имиња од Македонија кои ќе изразат желба да настапат на овој голем хуманитарен концерт.
Меѓудругото, Велевска на својот фејсбук профил напиша:
“Ајде да се собереме колку можеме повеќе. Сега е вистински момент да ја покажеме хуманоста со дело. Колку повеќе не има, толку повеќе пари ќе има за оние кои настрадаа во поплавите и на кои сега им е најпотребна помош. Сега е вистинското време естрадата да се сплоти во едно и заедно да покажеме дека можеме да помогнеме. Знам дека многумина можеби ќе речат дека сега не е најсоодветно време за песна, но ова е мојот и начинот на моите колеги да помогнеме”, напиша Велевска на својот фејсбук профил и додава:
“На вечерашниот концерт на плоштадот во Охрид, ги повикувам граѓаните да бидат во поголем број за да донираат на самото место. Според концептот на настанот, влезници нема да се наплаќаат, туку ќе има кутии во коишто секој според можностите ќе може да донира”, додаде таа обрачајќи се на своите колеги и истовремено на исте хумани граѓани.
Како што дознаваме, за вечерашниот концерт Општина Охрид ќе се погрижи за бината, озвучувањето, осветлувањето и за водителскиот тим. А фолк пејачката освен молбата за учество незаборави да ги потсети и замоли своите колеги кои не ќе можат да земат учество вечерва на хуманитарниот концерт, својот хонорар од веќе закажаните настапи, концерти, свадби, крштевки… да ги донираат во фондот наменет за настраданите од поплавите.
Подготви: Александра Блажевска