Во прв ред

Вечерва започнува “Културно лето 2022” во Општина Кисела Вода (Фото)

Денеска, 29 јуни, па сè до 02 јули, започнува богатата и забавна програма на “Културно лето 2022”, кое ќе се оддржи во склоп на неколкудневното одбележување на роденденот на општината, – „67 години Моја Кисела Вода“. На самата четиридневна манифестација ќе настапат голем број на македонски музички ѕвезди, кои ќе бидат задолжени сите посетители да си поминат незаборавно, a влезот за сите настани е бесплатен.

Со почеток од 18 часот во Паркот Шопен со Хуманитарна Коријада, официјално ќе започне овогодинешното “Културно лето 2022”. Традицонално, голем број на пензионери од оваа општина со подготовка на домашни пецива собираат средства, наменети за хуманитарни цели, а за време на целиот настан секако ќе се пеат познати македонски народни песни, коишто ќе ја збогатат роденденската атмосфера. За време на Хуманитарната Коријада, во организација на Црвен Крст Кисела Вода, ќе има и лекарски тим, кој бесплатно ќе мери притисиок и ќе мери шеќер во крв.

Вечерва со почеток во 20:10 часот забавата продолжува во Парк Македонија, лоциран непосредно до Домот на Култура „Билјана Беличанец“ (старото кино), каде ќе започне првиот музички настап во склоп на “Културно лето 2022”, – концерт на чалгиска музика со Филип Шурбевски и Езгија Квартет. Кулминацијата на македонскатата фолк музика ќе се долови со еден од најголемите синоними на македонската народна музика, – Ефто Пупиноски. Првата вечер ќе заврши со познатите хитови на македонската поп ѕвезда Влатко Лозаноски – Лозано.

Втората вечер (30.06.2022, четврток) манифестацијата ќе започне во 20 часот, во Парк Македонија, со сет на ДиЏеј Оги, пропратен со концерт на Теа Трајковска. Свој концерт ќе има и познатата група ДНК, која годинава воедно одбележуваат 20 години на музичкaта сцена, со кои ќе заврши втората вечер од Културното лето 2022.

Во петок (01.07.2022) во Три Круши со почеток во 20 часот, повторно одговорни за незаборавната забава ќе бидат звуците на нашите познати изведувачи на народната музика. Вечерта ќе ја започнат Културното уметничко друштво Китка, по чиј настап ќе следува концерт на Миле Кузмановски, додека вечерта ќе ја затворат македонските великани на народната музика Наум Петрески, Зуица Лазова, и Владимир Поповски, со бенд.

Последниот ден (02.07.2022, сабота) од “Културно лето 2022” ќе започне во 11 часот со концерт на „Златно славејче“ за најмалите посетители, кои ги очекуваат и неколку слатки изненадувања. По настапот на славејчињата, ќе се вклучи и студио Данса Латина Стефи, професионално студио за танц, кое веќе 8 години успешно работи во општина Кисела Вода. Во ова танцово студио танцуваат деца и млади над 4 години на латино и хип хоп музика, во различни категории и различни возрасни групи, кои зад себе имаат многубројни настапи, фестивали, хуманитарни настани и натпревари, како во државата, така и надвор од неа, како и Европски и Светски првенства. Посветеноста, оригиналноста и љубовта кон танцот на едуцираните инструктори и кореографи, се главниот водич и поттик за успехот на овие млади танчери. Наредната недела дел од хип хоп групите ќе се натпреваруваат и на Европското првенство во хип хоп, коешто ќе се одржи во Скопје.

За прв пат во историјата на општината ќе се организира и „Битка на бендови“, која ќе започне во 18 часот, каде победникот ќе освои концерт организиран од страна на општината. По „Битката на бендовите“ ќе настапи Боби Павловски, а целата манифестација ќе заврши со концерт на познатата балканска ѕвезда, Жељко Самарџиќ.

Општина Кисела Вода, по повод 67 години од своето постоење, покрај организацијата на “Културно лето 2022”, од 27.06.2022, па сè до недела, 03.07.2022, секојдневно претставува по еден нов капитален проект. По отворањето на Парк Иднина во понеделникот и санацијата на трите клучни сообраќајници во Драчево вчера, денес беше промовирана изградбата на фекална канализација во 11-ти Октомври – бараки.

Можеби ќе ве интересира: