Во прв ред

Викендов Домот на АРМ “ечеше” од добра музика

Два незаборавни концерта одржа Влатко Стефановски во сабота вечер во Домот на АРМ во Скопје, придружуван од Васко Атанасовски и стринг камерниот оркестар на словенечката филхармонија. Прекрасниот сплет на музички нумери од опусот на Стефановски, збогатени со виртуозноста на Атанасовски, перфекционизмот на гостите од Словенија, беа доволна инспирација за скопската публика, која знаеше на вистински начин да ги награди музичарите на сцена по секоја изведена нумера.

Се чини дека енергијата со која беше исполнета салата во Домот на АРМ можеше да ја почувствува секој, а хемијата меѓу оние на сцената и оние зад сцената, се воспостави уште по првите тактови. “Не си го продавај Кољо чифликот”, “Елено, ќерко, Елено”, “Јовано, Јованке”, “Калајџиско оро”… прозвучеа сосем поинаку, а повторно исто, но толку провокативно и инспиративно…

“Се обидов на моите гости од Словенија да им кажам каква публика сте, а сега тоа и самите го докажавте, ви благодарам”, рече Стефановски, задоволен од приемот на публиката, која на крајот ги награди сите со френетичен аплауз. И како никој да не сакаше оваа прекрасна вечер да заврши, па следеа два биса, најпрво “Џипси меџик”, а потоа и втор бис “Не си го продавај Кољо чифликот”.

Како и да е, можеме да бидеме среќни што имаме музичари од типот на Влатко Стефановски и Васко Атанасовски, кои секако на најдобар начин, без никакво сомнение, секаде во светот ќе продолжат “да ја продаваат македонската приказна”.

Подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: