Во прв ред

Влезниците за STING пуштени во продажба

Веќе се познати сите детали околу влезниците и набавувањето на истите за ексклузивниот концерт на STING во Скопје, закажан за 15-ти октомври, во арената “Борис Трајковски”. Концертот на STING во Скопје носи префикс на ексклузивен, не само поради фактот што STING е првиот од А листата на артисти од светската музичка индустрија којшто доаѓа во Скопје, туку и поради тоа што концертот се одржува во сала со капацитет два до три пати помал од останатите сали низ Европа и светот каде што STING настапува.

Влезниците веќе се пуштени во продажба од денес 2-ри јуни од точно 09 часот наутро, преку продажната мрежа на kupikartizase и Југотон, по следниве цени и категории:

  • Партер – 1.990 денари
  • Фан Пит – 3.000 (само 1.000 влезници)
  • Silver Seats – 2.990 денари
  • Golden Seats – 3.500 денари
  • VIP Пакет кој вклучува влезница и примерок од новиот албум на СТИНГ “57th & 9th” – 6.000 денари (исклучиво со резервации на телефон: 077/945-505, секој ден од 10 до 16 часот освен сабота и недела).

“Поради досега навистина незапаметен интерес за концертот на STING во Македонија, иако во моментов е пролет 2017 год, а концертот е наесен, им препорачуваме на сите што се заинтересирани да си набават влезници веднаш!”, велат од Авалон продукција. Воедно тие информираат дека STING како и на целата светска турнеја, така и во Скопје, доаѓа со комплетно сопствена продукција, што значи дека звукот, светлото и видеото во Скопје ќе бидат истите како и низ целиот свет.

“Во долгогодишната историја на концерти на Авалон Продукција во Македонија, ваков случај досега сме имале само со концертот на Lenny Kravitz во Охрид во 2008-та година. Во оваа прилика сакаме да истакнеме дека салата во “Борис Трајковски”, после изработката на акустиката (пред околу 4 години), ги има сите услови за овој тип на концерти на ниво на било која сала во регионот и во Европа. Како доказ за тоа се концертите во изминативе две години што Авалон продукција ги работеше таму: Whitesnake, One Republic, Enrique Iglesias, Bijelo Dugme…”, додаваат од Авалон.

Подготви: Влад Петров

Можеби ќе ве интересира: