Во прв ред

Во четврток во “Метрополис” ќе се одржи “Скопски фестивал 2015”

Во полн ек се подготовките за годинешното издание на “Скопски фестивал 2015”, коe ќе се одржи в четврток, 12-ти ноември, во арената “Метрополис”. Веќе се познати насловите на композициите и изведувачите кои ќе ги видиме и слушнеме годинава, а пејачите на социјалните мрежи веќе споделуваат фотографии од пробите што деновиве се одржуваат во студиото М2 во Македонската радио телевизија. Деновиве се влечеше жрепка за редоследот на настапи, а во емисијата “Стисни плеј”, која се емитуваше на МРТ1, беа откриени и имињата на специјалните гостинки што ќе настапат во ревијалниот дел за време на гласањето, како и годинешниот добитник на наградата за животно дело. Станува збор за поп-дивите Тамара Тодевска и Елена Ристеска, за кои фестивалот има огромно значење во нивните кариери.

Славе Димитров, пак, е едно од имињата што најмногу се врзува за овој фестивал, каде освен како изведувач и автор, долги години бил задолжен и како музички продуцент. Неговата легендарна “Чија си” за првпат ја отпеа токму на “Скопски фестивал” во далечната 1971 година, во 1974 настапи со “Нежност”, во 1977 со “Добра ноќ”, а негови композиции изведувале бројни пејачи од естрадата. Хитовите на Димитров се пеат и до ден денес, а често слушаме и разни преработки од помладите пејачи, кои се обидуваат да ги осовременат и да им го продолжат животниот век.

Иако минатата година победникот на фестивалот воедно беше и наш претставник на Евровизија, годинава МРТ одлучи да ги раздели овие два проекта, а на кој начин ќе се одбере оној што ќе ги брани боите на Македонија во Стокхолм следната година, ќе дознаеме наскоро.

Скопскиот фестивал и годинава ќе има натпреварувачки карактер: првопласираната песна ќе добие 600.000 денари, втората 450.000 денари, а третата 300.000 денари. Гласањето повторно ќе биде по евровизискиот модел, односно 50% ќе бидат од телефонското гласање на публиката, а останатите 50 од стручното жири, кое се држи во тајност се до самиот фестивал. Водител на манифестацијата по трет пат ќе биде актерот Васил Зафирчев. Влезниците се по цена од 200 денари и истите се веќе пуштени во продажба преку продажната мрежа на “Купи карти за се”, а оние коишто нема да успеат да си набават влезница, ќе можат да го проследат преносот во живо на првата програма на МРТ, на 12-ти ноември четврток со почеток од 21 часот.

Редоследот на настапи Ве очекува во продолжение.

1. Прости ми – Виктор Апостоловски

2. Љубов – В. Илиевски/Ј. Димчевскa

3. Премин – Мартин Мила

4. Празен ден – Маја Вукичевиќ

5. Градина од цреши – Сара Мејс

6. Убава – Ај кју

7. Музика од љубов – Иван Раденов

8. Бегај, бегај – Даниел Дан

9. Сеедно е – Ванеса Николова

10. Јас и ти – Јана Бурчевска

11. Илјада светови – Мики Секуловски

12. Без тебе – Ања Ветерова

13. Знам ти ме оставаш – Александар Белов

14. Орхидеја – Џина Папас Џокси

15. Пеј брате мој – Александар Тарабунов

16. Од град до град – Ристо Самарџиев

17. Љубовта е – Елена Петреска

18. Нема да можам – Горан Наумовски

Подготви: Редакција на Музика24

Можеби ќе ве интересира: