Во прв ред

Заедно со Македонската филхармонија познати пејачи ќе ги пејат најголемите хрватски поп-рок хитови

Како што дознава музичкиот портал Музика24, на 24-ти февруари со почеток од 20 часот, во Македонската филхармонијата ќе се одржи концертот „Ги паметам само среќните денови“ (Памтим само сретне дане). Ќе се пеат хитовите на загрепската поп-рок сцена од 1980-те и 1990-те години во придружба на оркестарот на Македонската филхармонијата.

На концертот, кој е насловен по хитот на хрватската пејачка Габи Новак, ќе се изведат песни на „Парни ваљак“, „Прљаво казалиште“, „Нови фосили“, „Сребрна крила“, „Аеродром“, Габи Новак, Јосипа Лисац, Тајчи и други. Новите оркестарски аранжмани за овие песни се направени од Јосип Цвитановиќ, Оља Дешиќ и Иван Попескиќ, а ќе ги пеат Владо Калембер, Јурица Паѓен, Аида Мушановиќ-Аршиќ, Дејан Цукиќ, Агни Авшар, Мартина Мајерле и Макс Хозиќ. Диригент е Јосип Цвитановиќ.

Минатата година, продуцентот од Загреб Томислав Кашљевиќ организираше сличен концерт во Скопје со хитови од сараевската поп-рок сцена.

„Се обидовме да направиме репрезентативен пресек и веруваме дека публиката нема да биде разочарана“, изјави Кашљевиќ.

„Со оглед на тоа што сега немаме многу среќни денови, многу често сакаме да се вратиме во деновите што беа посреќни. Убава е идејата на организаторите да одржат концерт со хитови од тоа време“, рече Габи Новак.

Можеби ќе ве интересира: