Во четврток во Битола започнува јубилејното 15-то издание на Фестивалот на музика од светот. Оваа година со програма за која ќе се зборува долго време после тоа.
Фестивалот започнува на 23-ти ноември со почеток во 19 часот со промоција на првиот албум на Горан Таневски (поранешен вокал на „Мизар“ која е во рамки на придружната програма од проектот Олабај бе. Во петок (24-ти ноември) во Нардониот театар ќе биде концертот „“ на македонскиот пијанист Бобан Мирковски со грчките уметници Stella Tempreli – виолончело и Thanos Stavridis – хармоника. Пред самиот концерт публиката ќе може да ја види изложбата на винили од колекцијата на Петар Ставрев. Вториот концерт предизвикува најголемо внимание поради својот ексклузивитет. На 25-ти ноември (сабота) авангардниот словенечки индустријал состав „Лајбах“ во рамки на својата европска турнеја „Love is still alive“ ја става Битола на мапата заедно со 20 големи европски градови како: Луксембург, Лондон, Малме, Варшава, Виена, Братислава итн.
Ова е настан кој битолчани навистина долго ќе го паметат, и настан кој можеби над 20 години не ни се случил. Една група од ваков калибар да ни гостува во градот. За нас како Центар за култура огромен предизвик, можеби еден од поголемите пред кој сме застанале. Да пречекаш уметници од рангот на „Лајбах“ значи пред се добро технички да се подготвиме за концертот да изгледа исто како што изгледа концертот во Лондон. Знам дека она што ќе се доживее во сабота на концертот ќе се памети и зборува уште долго време. – истакна Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центар за култура – Битола.
Освен двата концерти, Центарот за култура здружен со Олабај и Europe House – Битола ќе понудат богата офф програма со домашни артисти во неколку локали низ Битола.
Без партнерства неможеме да градиме голема дела и работи. Влегуваме во партнерста за да оставиме поголем и потраен белег. „Олабај“ годинава беше дел од програмата на неколку меѓународни фестивали во градот. Целта на Олабај е дополнување на тие фестивалски програми и поврзување на локалната сцена со меѓународните уметници и фестивали. Започнавме во јуни со фестивалот „Битола Отворен Град“, продолживме со Битола Шекспир Фестивал и „Браќа Манаки“. Во рамките на овој фестивал организираме промоција на албумот на Горан Таневски. – истакна Маја Ангеловска од Олабај.
Влегуваме заедно со Центар за култура да поддржиме еден многу важен настан. Ние влегуваме во офф програната со Александар Гроздановски односно Herzel. Секогаш избираме да ги поддржуваме локални изведувачи и артисти затоа што Александар е етаблиран талент надвор од нашите граници. Човек кој соработувал со еминентни имиња особено од електронската сцена. – рече Иван Дургутовски од Europe House – Битола.
Фестивалот своето прво издание го имаше во 2009 година, и во овие 15 години гостувале многу значајни домашни, регионални и светски уметници како: Тереза Салгуеро, Ричард Галијано, Наташа Атлас, Рабу Али Калил, Баба Зула, Божо Вречо, Хели Сикинен, Јелена Томашевиќ, Биља Крстиќ итн. И веќе неколку години е во сериозен подем и нагорна линија, како фестивал кој пред се на домашните уметници но и уметниците во европски рамки им стана место каде што ќе можат да направат концерти за паметење и со тоа Битола ја прават многу сериозен уметнички центар на нашата држава. Битола веќе дефинитивно може да му парира на настаните во главниот град и веќе неколку години испишува дефиниција за децентрализација на културата.