Авалон продукција со големо задоволство го најавува својот втор проект за 2016-та година, ексклузивниот гала концерт на еден од најголемите рок пејачи на Балканот на сите времиња, извонредниот Жељко Бебек, кој на 5-ти март во арената “Борис Трајковски” ќе одржи голем концерт пред македонската публика. Човекот кој што со “Бјело дугме” ги сними првите 6 антологиски албуми: “Кад би био Бјело дугме”, “Шта би дао да си на мом мјесту”, “Ето! Баш хочу!”, “Битанга и принцеза”, “Доживјети стоту” и “Успаванка за Радмилу М.”, доаѓа за прв пат во Скопје со свој соло концерт и со досега невидена формација, со 60 луѓе на сцена: симфониски и тамбурашки оркестар, како и неговиот матичен бенд кој ќе го придружуваат Бебек на сцената.
Скопскиот концерт на Жељко Бебек е во рамките на концертната турнеја која претставува круна во неговата кариера, во која оваа рок легенда слави 40 успешни години на музичката сцена во овие простори.
Харизматичниот Бебек на југословенската рок сцена се вивна во почетокот на 1970-те како фронтмен на “Бјело дугме” и стана синоним во најплодната музичка ера на групата. Како заштитен знак на “Бјело дугме”, Бебек ги отпеа незаборавните: “Све че то, мила моја, прекрити рузмарин, сњегови и шаш”, “Не гледај ме тако и не љуби ме више”, “Тако ти је мала моја кад љуби Босанац”, “Доживјети стоту”, “Битанга и принцеза”, “Има нека тајна веза”, “Селма”, “Одлазим”, “Што би дао да си на мом место”, “Сањао сам ночас да те немам”… песни кои што скопската публика ќе има шансa да ги слушне во негова изведба заедно со симфониски оркестар.
На претстојниот скопски концерт, освен хитовите на “Бјело дугме”, публиката во речиси 3 часовно музичко патување ќе има прилика дa ги чуе и хитовите од неговата соло кариера. Детали околу продажбата на билетите за концертот на Жељко Бебек, ќе бидат објавени наскоро.
Подготви: Редакција на Музика24