Трета година по ред , градот на кулите и мостовите ќе биде домаќин и организатор на фестивалот на музиката и забавата. Журката која ќе трае до зори и оваа година ќе направи се за да го оправда постоењето и епитетот бренд на Кратово и североистокот, кој како таков успеа да се наметне по само две изминати изданија. И оваа година програмата на фестивалот ќе понуди содржини за сите генерации и сите вкусови. Фестивалот го задржува концептот да биде обезбедена една балканска ѕвезда, а и моментот дел од првата вечер да биде посветена на одредена музичка личност или одредена тематика.
Затоа, во првата вечер дел од програмата, односно 90-на минути ќе бидат концептирани во чест и за потсетување на најголемите македонски новосоздадени хитови во фолклорната музика во последните 25 години. На сцената на плоштадот во Кратово ќе бидат изведени легендарните “Бисер балкански”, “Ех да беше стрела песната”, “Туѓа си бескрајно”, “Розо моја”, “Свири ми брате цигане”, “Ника убава Марика”… и уште многу хитови кои ни ги оставија или се уште ги создаваат и ги оставаат како музичко богатство, македонските фолк легенди. Добар дел од тие ѕвезди и ќе ги имаме на сцената во Кратово сите придружувани од групата “Фортуна”.
Во втората вечер во делот балканска ѕвезда оваа година ќе ги имаме легендите на балканскиот рок и најголемиот рок поет во изминатите 40 години. Бора и неговите Рибља Чорба беа дамнешна желба на сите љубители на музиката од овој крај и на сите оние кои моќта на балканската рок историја сакаат да ја доживеат во просторот во кој големите легенди би ги имале на само чекор од себе. Покрај сево ова на сцената ќе се појават и македонски пеачки ѕвезди и состави кои во својот дел на музицирање веќе имаат оставено големи траги, но и такви кои допрва доаѓаат а кои во овој миг се соочуваат со голема популарност. Па така, се очекуваат и настапите на македонските Пинк ѕвезди и ѕвездички кои се значаен дел од големите балкански шоу емисии.
Кратово и оваа година ги очекува гостите од цела Македонија. Широки насмевки, отворени срца и распеана душа се нештата кои се добредојде за секој гостин во градот на кулите и мостовите. А во продолжение прочитајте ја официјалната музичка програма за целовреметраење на “Златни денови” во Кратово:
Петок 08-ми јули (ден кога започнува фестивалот)
- Етно група “Монистра”
- Македонските ѕвездички и ѕвезди на Пинк
- Најслушаните македонски фолк хитови во последните 25 години интерпретирани од познати македонски фолк пејачи
- Дани Димитровска
- Тајзи и Спејко
Сабота 09-ти јули (втор ден од фестивалот)
- Европски тамбурашки етно фестивал
- Трио Гранде
- Македонските ѕвездички и ѕвезди на Пинк
- Влатко Илиевски
- Бора и Рибља чорба
Недела 10-ти јули (последен ден од фестивалот)
11:00 Златно славејче
Во сите вечери по завршувањето на програмата на главната сцена, забавата ќе се пренесе во базен-дискотеката во Кратово каде за вистинската атмосфера ќе бидат ангажирани познати DJ-и. За сите оние кои сакаат деновите да ги поминат во Кратово се препорачува на време да обезбедат сместување, бидејќи сместувачките капацитети се огранчени, а како што велат организаторите интересот за посета на овие “Златни денови” од година во година е се поголем.
Текстот го подготви: Редакцијата на Музика24