World Music

Нови 100 концерти во прошталната турнеја: Во 2023 концерт на „KISS“ во Скопје?!

Тековната проштална турнеја на „KISS“ не покажува знаци на запирање. Всушност, бендот планира да додаде уште сто градови на турнејата ! Џин Симонс ја објави веста во неодамнешното интервју за Chaoszine. На прашањето кога бендот ќе ја заврши турнејата и ќе се пензионира, Симонс не можеше да даде дефинитивен одговор, освен дека тоа нема да биде наскоро.

Не знаеме. Никогаш досега не сме се пензионирале. Ова ни е прв пат. Тоа е како сликање слика или пишување книга. Кога некој ќе праша кога ќе биде готово, вие сте во средината и едноставно не знаеш. – рече тој.

„KISS“ првично планираа да го одржат својот последен концерт на 17-ти јули 2021 година, но тие планови беа нарушени поради пандемијата. Со промената на нивната маршута, Пол Стенли рече дека прошталната турнеја најверојатно ќе трае до почетокот на 2023 година. Но, со додавање на уште 100 градови, не се знае кога турнејата всушност ќе заврши.

Тимот е среќен. Сите се среќни. Затоа решивме да додадеме уште 100 градови пред да престанеме. Не знам колку време ќе потрае. – додава симонс.

Турнејата „End of the Road“ деновиве се движи низ Европа, а во Загреб се закажани за 9-ти јули. Кои 100 градови ќе бидат дел од турнејата во 2023 година не е официјално објавено но имајќи во предвид дека веќе поминаа во повеќето големи европски и американски градови, се очекуваат барем 2-3 концерти во нашиот регион. Освен Загреб тие веќе имаат закажан концерт во Букурешт. Па така во игра се Софија (каде концертот беше одложен), Белград, Атина, Сараево а можеби и Скопје. Дали Скопје ќе се најде меѓу избраните 100 градови останува да видиме наскоро, имајќи во предвид дека годинава беа закажани „Deep Purple“ и „Whitesnake“ не се чини толку неверојатно.

На прашање дали може да има повеќе датуми покрај дополнителните 100, Симонс рече „веројатно не“, но го остави прашањето отворено.

 

 

Можеби ќе ве интересира: