Контроверзиите од животот на починатиот крал на поп музиката, Мајкл Џексон, не стивнуваат дури ниту шест години по неговата смрт. Најновите детали од животот на Џексон биле изнесени во книгата на неговиот поранешен менаџер, Френк ди Лео. Ди Лео, кој имал улога во филмот “Добри момчиња” на Скорсезе, бил крај Џексон во врвот на неговата кариера во 80-те години, а починал во 2011-та година, во 63-та година од животот, поради компликации предизвикани по операцијата на срцето.
Во постхумната биографија “Di Leo: I am Going to Set The Record Straight” биле откриени детали од животот на Џексон, а биографијата ја објавил неговиот поранешен бизнис партнер Марк Ламика. Ламика во книгата тврди дека Ди Лео знаел дека мафијата планира да го убие кралот на попот, а тој настојувал тоа да го спречи. Исто така зборувал и за неговата опсесија со естетската хирургија.
“Мајкл му рекол на Френк во еден телефонски разговор дека не може да го поднесе тоа што го гледа лицето на неговиот татко, Џозеф Џексон, кога ќе се погледне во огледало. Френк му рекол дека мора да престане со корекциите на лицето, бидејќи фановите повеќе нема да можат да го препознаат”, пишува во биографијата. Датумот на објавувањето на книгата сè уште не е познат.
Подготви: Редакција Музика24