Имам нешто да те прашам

Калиопи: Секој од нас може да биде Дедо Мраз (Фото+Видео)

Таа е кралица на македонската поп музика, македонската поп дива… Важи за вонсериски уметник од светски калибар. Освен одличните и извонредни вокални способности, таа совршено знае и да компонира музика за филм, театар и балет. Зад себе има голем на хитови кои и ден-денес се пејат, и ќе се пејат и уште многу години во иднина.

Почитувани, ексклузивно во новогодишниот серијал на интервјуа, нашата најпозната поп пејачка, жената која ги наполни сите сали низ Балканот… Калиопи!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Калиопи: За мене ова беше исклучително креативна и успешна година, која започна со работа во студио со мојот продуцент и композитор Ромео Грилл. Реализиравме две нови песни “Знам”, дуетската со Жељко Самарџиќ, како и песната “Кад осване”, кои за брзо време ја освоија публиката и секако, успешните концерти во регионов кои се секогаш празник за душа. Годината не се состои само од добрите моменти…секогаш постојат и такви кои не раскажуваат…
Но, јас сепак преферирам да ги спомнувам оние убавите, пред да ја испратам старата и ја дочекам новата година.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која песна според Вас ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Калиопи: Искрено, немав време да ги пратам фестивалите, бидејќи ангажманите не ми го дозволуваа тоа. Фокусот ми беше насочен кон она што го работам, бидејќи проектите кои ги работиме се од обемен карактер и бараат посветеност. Ми се случува некогаш во кола да чујам песна на радио која ќе ми привлече внимание и тогаш се радувам и убаво ми е.

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно, како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Калиопи: Самото темпо на животот го одредува и расположението. Сум имала различни предновогодишни расположенија, еуфорични, помалку еуфорични , но се случувало и да имам потреба од мир и одмор.

Оваа година мислам дека ќе ја дочекам еуфорично!😊

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок? 

Калиопи: Според чувството, според луѓето… Поклонувањето е за мене интимен и голем чин и не секогаш ми е потребен повод за да поклонам некому нешто.

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Калиопи: Среќата не е константна, таа не е ни проекција, среќата е содржана во моментите кои ние сами ги креираме и си дозволуваме да ги живееме. Еве, на пример, јас знам дека со мојата музика можам да усреќам многу луѓе и токму тоа е она што и мене ме прави среќна. И со текот на времето сфатив дека со моите песни и глас го стимулирам доброто расположение кај другите и го будам доброто во луѓето.

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле или би посакале воопшто да не се случило?

Калиопи: Иако во случајов не се работи за никаква грешка, туку за судбина, посакувам да не се случеше настанот од 4-ти ноември пред почетокот на мојот концерт во Белград, кога почина една млада жена.
За мене најтажен и најстресен момент во мојата кариера.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика? 

Калиопи: Деновиве ја слушам и потпевнувам новата песна на The Beatles, “Now and then”.
Нешто што емотивно силно ме допре…

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Калиопи: Верувам и никогаш нема да престанам да верувам. Секој од нас може да биде Дедо Мраз и во овој реален свет, внесувајќи радост и добрина во нечиј живот.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Калиопи: Да. Сите ние секогаш посакуваме поубава година од претходната. Следната година ќе ја обележи еден голем јубилеј во мојата кариера. 40-ет години од почетокот на соработка со Ромео Грилл. Токму затоа планираме нов албум за 2024 година. И секако голем концерт во Скопје, а и низ Македонија и во регионот. Во февруари влегуваме во студио и со нетрпение ги чекам новите песни!

Музика24: Наскоро не очекува дочекот на Новата 2024-та година, па каде планирате да ја дочекате и со кого?

Калиопи: Сеуште е неизвесно дали ќе ја поминам работно или сепак во кругот на моите најблиски.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Калиопи: ДА ИМА МИР ВО СВЕТОТ, е мојата најголема и единствена желба.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Калиопи: Драги мои, пред сѐ ви посакувам време за себе и своите најмили. Бидејќи не постои ништо поскапоцено од времето!
И за крај би им ја запеала “Не ми го земај времето, времето ми е поважно од сѐ” 😊

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Мартин Шишковски

Можеби ќе ве интересира: