Имам нешто да те прашам

Игор Џамбазов: 2024-та година му ја посветувам на моето здравје, оти без него се е бесмислено (Фото+Видео)

Тој е единствениот и најпознатиот шоумен во Македонија. Во годините наназад нема настан, концерт или било какво случување кое што тој не го водел или не бил на овој или оној начин дел од истото тоа случувања. Сите го познаваме и сите го знаеме… Тој е Миле од „Преспав“, тој беше Белото циганче… а зад себе освен актерската кариера има и голем број на хитови, кој и ден-денес се пејат и се една голема наша заедничка реалност.

Почитувани, во претпоследното интервју од нашиот новогдишен серијал на интервјуа, единствениот и секогаш оргинален Игор Џамбазов.

Уживајте!

Музика24: Кон крајот од уште една интересна година редно е да сублимираме по што ќе ја паметиме… За волја на вистината поминавме кризи, инфлации, замрзнување-одмрзнување на цени, протести, но имаше и убави моменти, музички фестивали, нови хитови, убави и интересни концерти… Што Ви остана како белег, сеќавање на 2023-та година?

Игор Џамбазов: Ќе има и на што да се сеќавам. На музички план, тоа се два настана. На прво место се разбира дека е албумот „Првите триесет“ кој заедно со Гуру Харе го издадовме во јули месец, како круна на нашата триесетгодишна соработка. Албумот има 17 песни, снимен е во студиото „Тра-ла-ла“ на Мите Димовски, а печатен во Sony Austria, и звучи светски (без лажна скромност). Веднаш потоа го имавме и славеничкиот концерт во Филхармонија со кој го прославивме јубилејот со Харе, а јас прославив 60 гидини живот.

Музика24: За разлика од предходните неколку години, оваа година многуте музички фестивали (кои за среќа се уште постојат) понудија голем број на композиции и песни кои претендираат да бидат хитови. Која според Вас песна ја одбележа 2023-та година и го заслужува епитетот Хит на годината?

Игор Џамбазов: Фестивали ко фестивали. Ги има, па ги нема. Добри, лоши, просечни, здодевни… Одамна фестивалите не се место каде што се промовира новата музика, туку најновата гардероба, шминка и ауто-тјун… Но ако зборуваме за хитови, побргу би ги побарал во независната продукција. За мене лично таков хит не чув. Песна што ќе се пее во наредните триесет години. Такво нешто не чув, за жал…

Музика24: Се приближува популарната новогодишна еуфорија кога секојдневно се случуваат забави, афтер парти, шопингувања… Во потрага сме по најnубавиот подарок за најсаканите. Дали и Вас ви се случува во овој период од годината да бидете еуфорични, односно како делува целата новогодишна еуфорија на Вас и Вашето секојдневие?

Игор Џамбазов: Во мојот Дојран новогодишната еуфорија е со многу помал интензитет. Трае само неколку дена пред 31-ви декември.Се разбира дека ќе има и подароци за најблиските. И новогодишна трпеза кај Чукови во Сретеново. И чорба во „Фук-так“ на први јануари. И елки и лампиони. Но сепак, чичко Игор одамна престана да верува во Дедо Мраз.

Музика24: Кога веќе ги споменуваме новогодишните подароци, како одбирате што да подарите, односно, според што се водите кога бирате новогодишен подарок?

Игор Џамбазов: Се водам според однапред замислената реакција на тој што му подарувам. Знам што сакаат и на што му се радуваат моите најблиски. Тоа не се скапи подароци, туку повеќе некоја ситница која останува за спомен. И мајстор сум да ги погодам. Единствено себе си не можам со години да си го погодам подарокот, ама млад сум, и тоа ќе го доживеам, се надевам, хехехе (се смее).

Музика24: Денес е вистинска реткост некој да праша дали сте среќна личност? Дали практикувате да се интересирате за блиските луѓе што ги прави среќни и колку се трудите да стимулирате убаво расположение?

Игор Џамбазов: Среќата е релативна работа. Некој три дена ќе му се радува на црвениот балон што го добил, а некој нема да му се радува ни на црвеното Порше. Инаку, оние луѓе со кои јас се дружам, и се радуваат на секоја наша средба и дружба, и тоа за нив е најубавиот подарок. А и за мене…

Музика24: Сите ние правиме грешки и никој не е безгрешен. Што е она што во 2023-та да имате можност би го смениле, или би посакале воопшто да не се случило?

Игор Џамбазов: Со големите грешки завршив одамна. А оние ситните, секојдневните е со нив се бориме, и ги повторуваме, и не се опаметуваме. Но ако веќе морам да издвојам нешто, тоа со сигурност ќе биде мојата тежина. Сега повторно сум тежок над 100 килограми, и не се чувствувам добро. Но Дојран е моето лечилиште. Чист воздух, здрава храна, сонце, ветер, и прошетки по ривиерата. Тоа повторно ќе ме врати под “стотка“, и што е најважно ќе ме оздрави.

Музика24: Која песна или рефрен деновиве го потпевнувате, односно, дали денот го започнувате со песна и музика?

Игор Џамбазов: Не знам зошто, ама овие денови ноќна мора ми е песната “Серенада“ која ја изведуваше покојниот Гоце Николовски, а која јас ја снимив за потребите на новогодишната програма на националниот сервис. “Тивко свирам за да можеш да ме чуеш само ти, колку љубам ќе ти кажат моите звучни акорди“…

Музика24: Дали се уште верувате во легендата за Дедо Мраз и дали за него имате годинава некоја порака?

Игор Џамбазов: Порака до Дедо Мраз: „Оваа година најважни да ти бидат децата од кризните подрачја. Деца кои изгубија се. И семејствата и домовите и детството и насмевката. Нивната среќа можеш да им ја вратиш само ти, благородно деденце…“.

Музика24: Веќе сме на прагот на една нова, се надеваме и веруваме поуспешна и поубава година за сите нас. Кои се Вашите пред се професионални планови и замисли и што би сакале да се случи ново на приватно поле во Новата 2024-та година?

Игор Џамбазов: Следната година ја прогласувам за пензионерска. Се повлеков во Дојран, ќе патувам само кога морам, и ќе се обидам помалку да работам. Следната година му ја посветувам на моето здравје, оти без него се е бесмислено.

Музика24: Новата година не е комплетна без Дедо Мраз, без неговите ирваси, без даровите, но и без желбите. Кои се вашите желби за Новата 2024 година?

Игор Џамбазов: Да престане ова колективно лудило, кое не јаде однатре. Да се среќни и безбедни сите деца на светот. Македонија конечно да го избере вистинскиот пат. И конечно, да се вселам во мојата куќа во Стар Дојран, и спокоен да го започнам третото полувреме од својот живот.

Музика24: Со новогодишната порака би го завршиле овој забавен раговор, па ајде да чуеме на кој начин Вие ќе им ја честитате Новата година на вашите фанови, обожаватели, сите оние кои што ве почитуваат и сакаат и секако на читателите на единствениот музички портал во Македонија, Музика24?

Игор Џамбазов: Дечки. Борбата против кичот, шундот, турбо-фолкот и плејбекот продолжува. И нема намера да застане. Слушајте музика. Слушајте добра музика. Слушајте македонска музика. Среќна нова!

Интервјуто го подготви: Иван Јосимовски

Можеби ќе ве интересира: