Културо

„Ода на радоста“ – нов сингл и видео спот на Пламенка Трајковска по повод 9-ти мај Денот на Европа

Нашата позната македонска виолинистка Пламенка Трајковска го објави синглот „Ода на радоста” и ја најавува премиерата на видео спотот по повод Денот на Европа 9-ти мај.

„Ода на радоста” од Пламенка Трајковска е класичен кросовер за гудачки инструменти и електронска музика на познатата тема од деветтата симфонија од Лудвинг Ван Бетовен. Темата е химна на Европа и затоа премиерата на видео записот е закажана на Денот на Европа 9-ти мај.

Композицијата е снимана во музичкото студио Кларион. Миксот и мастерингот го нарави тон мајсторот Дејан Ангелевски. Главен дигитален онлајн дистрибутер е CD Baby од Портланд Орегон која е една од трите партнери на Apple music и која е дом на повеќе од 650.000 музичари и повеќе од 9 милиони траки од секој дел на планетата.

Композицијата „Ода на радоста” од Пламенка Трајковска е достапна преку сите онлајн музички мрежи Sportify, Apple music, Amazon, iTunes, Deezer и други. Видеото на спотот го снимаше Дејан Марковски во студио на почетокот на април, а фотосесијата ја направи фотографот Константин Калошев.

Во спотот покрај виолинистката Пламенка Трајковска во гудачкиот квартет учествуваат и Сандра Крстевска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виола и Александра Јаневска на виолончело.

Премиерно спотот ќе биде прикажан на YouTube на 9 мај на каналот на Пламенка Трајковска.

Пламенка Трајковска од почетокот на годината настапи на концертот во Истанбул со наслов „Жените од светот” со својата композиција „Ламенто вело” и беше дел од проектот „Мојот град мојот глас”. Како композитор Пламенка Трајковска досега го има издадено албумот во кросовер „Апасионато”, музичкиот албум за деца „Карневалот на животните”, синглот „Светулки”, композициите „Твојот допир”, „Феникс”, „Воздишка за тебе” и многу други остварувања.

Пламенка Трајковска има реализирано голем број на концерти во Македонија на најзначајните културни манифестации и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција Танзанија и Турција.

Пламенка редовно работи во Македонската филхармонија и со организацијата „Пламенка Трајковска – мали камерни состави”. Малите камерни состави креираат музички програми со класична музика и кросовер со мултимедијални елементи и музичка технологија.

Можеби ќе ве интересира: