Балканленд

МРТ распиша конкурс за композиции за “Евровизија 2018“

Македонската радио-телевизија објави јавен повик до авторите за избор на песна за Евровизија што ќе се одржи во мај во Лисабон, Португалија, како носител на лиценцата за овој престижен музички натпревар. Конкурсот е отворен за композиторите и за музичките продуценти од Македонија и од странство, кои треба да достават песни во демо или во финална верзија на адресата: Македонска радио-телевизија, бул. Гоце Делчев бр. 18, 1000 Скопје, Македонија, со назнака „За Евросонг 2018“ или на [email protected].

По извршениот избор Македонската телевизија песната ќе ја предложи на изведувач или група изведувачи за кои сметаат дека ќе можат најдобро да ја исполнат на евровизиската сцена. Според пропозициите, авторите треба да ги достават следните информации: имиња на авторскиот тим, кратка професионална биографија од авторите, наслов на композицијата, текст, контакт од членовите на авторскиот тим и релевантен линк од веб-страница или некој од социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер и други). Во согласност со правилата на ЕБУ, предлог-композициите задолжително треба да се во траење до најмногу 3 минути и не смеат да бидат претходно објавени или јавно изведени. МРТ исто така донесе одлука за формирање на релевантно професионално жири, кое ќе ја избере најдобрата композиција, а потоа ќе предложи и изведувач или група изведувачи, кои најдобро ќе ја исполнат на евровизиската сцена. Членовите на авторскиот тим на одбраната композиција, ќе бидат лично контактирани од страна на Македонската радио-телевизија, за понатамошно исполнување на процедурата за соработка и договор. Македонската радио-телевизија својата финална одлука ќе ја објави по добиените резултати од работата на комисијата. Јавниот повик е отворен до 8 февруари.
Подготви: Филип Етмишовски

Можеби ќе ве интересира: