Во прв ред

Јурица Паѓен: Внимавајте што жените ви ставаат во Вашето кафе (Фото+Видео)

Во организација на Кроација Рекордс и нивниот претставник во Македонија – познатиот музички новинар Иван Беќковиќ, во текот на вчерашниот ден во познатата градска кафеана „Пелистер“ во центарот на градот, се одржа најавеното новинарско дружење со музичката легенда Јурица Паѓен од култната група „Аеродром“.

Повод за оваа средба со новинарите е промовирање на двата нови албума: со најголемите хитови што ги испеал со групата „Аеродром“ и студискиот соло албум „Дневни ритуали“ во издание на Кроација рекордс. А меѓудругото Јурица заедно со своите колеги музичари од Хрватска вечерва ќе настапи на веќе најавуваниот и долгоочекуван концерт „Памтим сретне дане“ во Македонската филхармонија.

Иван Беќковиќ во улога на домаќин на неформалната прес конференција кажа интересни податоци кои и многумина не ги знаат, кога станува збор за овој познат хрватски рок музичар.

„Јурица Паѓен на музичката сцена е повеќе од 50 години. Членувал во „Група 220“, „Парни ваљак“, „Азра“…, бил дел од „Севдах шатл бенд“ на Џони Штулиќ, снимил неколку соло-албуми, соработувал со многу музичари од регионот, но главниот дел од кариерата и го посветил на групата „Аеродром“. Голем пријател на групата „Леб и сол“, уште од осумдесеттите, кога служел војска во Скопје. Тогаш по покана на Влатко Стефановски свирел на албумот „Калабалак“, а бил дел и од музичарите на инструменталката „Успаванка за Радмилу М“. Негови последни дискографски остварувања се студискиот албум „Дневни ритуали“ и двојниот лабум со најголемите хитови на групата „Аеродром“. Во подготовка е нов музички материјал, што деновиве беше најавен со првиот сингл за кој е снимен и спот“, истакна Беќковиќ.

Јурица се присети на оние добри стари времиња кога на неговото прво доаѓање во Скопје, додека бил член на групата „Парни ваљак“, бил гостин во домот на Аки Рахимовски.

„Бевме кај Аки на вечера, мајка му ја подготвуваше. Се сеќавам дека на масата имаше некои лути пиперчиња и Аки изеде едно како од шега, а потоа пробав и јас и ми се слоши колку беше луто“, рече Паѓен.

Освен тоа, тој беше и член на „Група 220“ и „Азра“ со легендарниот Џони Штулиќ.

„Попрво би ги составил „Битлс“ отколку да го убедам Џони да се врати на сцената“, рече Паѓен, кој за групата „Азра“ има напишано четири песни. Една од песните кои ќе ги пее вечерва на концертот во Македонската филхармонијата е и неговата позната „Фратело“.

За време на новинарската средба со легендарниот Јурица Паѓен, се појавија и Владо Калембар кој исто така вечерва ќе настапи на веќе споменатиот концерт, како и еден од најдобрите македонски композитори Григор Копров кој меѓудругото се обидуваше да го убеди Паѓен, негов добар пријател, да гостува на овогодинешното издание на летниот музички фестивал „Охрид фест“.

На прашање на новинарот од Музика24 која е негова најдрага песна која секогаш со задоволство ја пее и исполнува, тој ни кажа дека негова најдрага песна е „Поздрав с Бардоравни“, што ја снимил со Лаза Ристовски на клавијатури, како и песната „Лаж“, за чиј остар текст имал и проблеми. А на прашањето која е пак тајната со песната „Што си у каву ставила“, Паѓен со смеење одговори дека секогаш треба да внимаваме што жените можат да ни стават во кафето, на што сите присутни се насмеаа. 

Благодариме на Кроација Рекорд и Иван Беќковиќ што можевме да се сретнеме и да поразговараме и дружиме со големите музички великани, живите легенди, Јурица Паѓен и Владо Калембар.

Можеби ќе ве интересира: