Имам нешто да те прашам

Интервју на Музика24: DJ Тина – Најдобрите забави се во селата

Девојата која знае да направи одлична забава, за Специјализираниот македонски музички портал Музика 24  се “отвори”, прочитајте и дознајте нешто за ноќниот живот во Скопје и околина. Дали и Вие се сложувате дека во Дељадровци има подобар провод од оној во Центар?

Музика24: Која е разликата на забава во Скопје и Дељадровце?

DJ Тина: Во Дељадровце е повесело 🙂 Искрено, не знам ни на мапа каде се наоѓа Дељадровце, но сигурна сум дека луѓето таму се радуваат на секоја забава и се веселат од срце, за разлика од шминкерите во Скопје кои заборавија дека се излегува за да се журкаш, а не да блееш како теле со пијачката во рака и да го хејташ секое место кое ќе го посетиш.

Музика24: Зошто забавата е стационирана во централното подрачје, што е со забавата во руралните средини?

DJ Тина: Не би рекла дека нема забава во руралните средини. Па таму газдите прават повеќе пари од дискотеките во Скопје. Ќе викнат некој пејач од Србија или DJ, ќе стават нормални цени на пијачките кои секој може да си ги дозволи и загарантирано на крај бројат парички. Ем гостите напиени, ем газдите со полни џебови. За разлика од клубовите по селата, во Скопје ретко кој може да си дозволи цела вечер да пие во кафич и диско, па затоа и младите прво пијат по дома или во евтини биртии, па после во “град” купуваат една до две пијачки.

Музика24: Што и недостига на домашната музика за да привлече публика, артистите да имаат повеќе публика? Велевска на Новогодишниот настап имала 5000 илјадна публика, значи сепак има надеж.

DJ Тина: Прво, виновни се медиумите кои речиси воопшто не ги третираат македонските артисти. Имаше еден период на експанзија од 1997-та до 2001-та кога македонската музика беше најслушана, на секоја телевизија имаше барем по две до три музички емисии, а спотовите нон-стоп се вртеа. Се организираа и турнеи низ Македонија, имаше еден куп пејачи кои за жал поради финансиската криза која настапи се откажаа од музиката. А како второ, мислам дека и македонските композитори треба да поработат малку на поквалитетна музика на која бевме навикнати, од времето кога на секој фестивал излегуваа по десет хитови, десет евергрини… И трето, треба што почесто да се пушта македонска музика во кафулињата и дискотеките. Сепак колку толку, имаме хитчиња кои заслужуваат да допрат до ушите на слушателите.

316781_10150307537267000_7933110_nМузика24: Фолкот е повторно во експанзија. Кафеаните се полни, фолкерите имаат успешни турнеи. Зошто оние кои изведуваат поп музика никако да успеат да наполнат дискотека, со почит кон исклучоците.

DJ Тина: Како девојка која се занимава со естрада можам да кажам дека ми е драго за фолкерите кои си ја наоѓаат среќата преку барата и се враќаат дома обезбедени за цела година, но од друга страна ми е жал за квалитетните поп артисти кои немаат пари ни спот да снимат, а камо ли да ги викнат некаде на настап. Затоа во последно време, заедно со моите колеги од “Cool People” – creative organization се трудиме да помогнеме во промоција на прекрасни македонски изведувачи кои го заслужуваат своето место на врвот. Сметам дека некои од нив допрва ги чека вистинска слава. А што се однесува до турнеите во Австралија и Америка, жално е што таму на младите им се сервира само фолк музика, а за македонските поп пејачи речиси и да не знаат. Менаџерите кои се организатори на манифестации по Сиднеј, Детроит, Канбера и останатите треба малку да поработат и на промоција на поп-рок музиката.

Музика24: Секој втор кој нема работа е диџеј, со што вие се разликувате од останатите?

DJ Тина: Уште баба ми што не стана диџеј… 🙂 Шала на страна, имаме одлични диџеи во Македонија, секој со свој различен стил, уникатен и единствен. Од колегите би ги набројала Зоки Бејбе, Флудер, Васо кои за мене знаат да направат најдобра забава. Јас си изградив имиџ на party girl, па секогаш се прилагодувам на локалот каде што пуштам и гостите кои таа вечер се присутни. Моментално пивница “Стар Град” е моето омилено место, секогаш исполнето со позитивни вибрации.

Музика24: Забавите на кои пуштате музика секогаш се посетени, зошто повеќето кукаат дека ноќен живот нема, не е како порано. Каков е вашиот впечаток?

DJ Тина: Покрај толку голема експанзија на клубови и кафулиња кои никнуваат како печурки, жално е што навистина нема ноќен живот. Но, за тоа се криви луѓето. Пекаат дека сакаат диџеи од странство, а кога ќе дојде време за журка, сите бараат гратиси. Па ниеден газда не е будала од сопствен џеб да искешира толку пари за диџеј, а да не добие фидбек. Неколку урбани момци од Скопјево се трудат секој викенд да организираат забави на високо ниво, но за жал на луѓето тоа не им е доволно. Дремат како мисири, не знаат да се забавуваат. Затоа можеби мене и моето друштво не гледаат како вонземјани кога ќе излеземе во град, затоа што се забавуваме ко да нема утре 🙂

Музика24: Не слушате домашен фолк, а секоја песна ја знаете, им помагате во промоција. “Раке пуке раке шлаке” благодарение на вас стана песна за подсмев.

DJ Тина: Бев во Амстердам, дента кога излезе песната. Замисли каков трип, си правел ѓурултии низ Амстердам, доаѓаш во хотел, а прво што гледаш кога се уклучуваш на фејсбук е: “Ќе бидам вечерва, твојата вечера, ти биди моето цунами”. Веднаш ја споделив на фејсбук и од 50 и нешто прегледи, утредента веќе имаше над 40 000-50 000 илјади. Секако и другар ми Ноно е крив за промоцијата, не само јас 🙂  Инаку сега кога пуштам музика најќеиф ми е насред некоја хаус трака да пуштам семпл Раке пуке раке шлаке се до сабајле.

Музика24: За крај, што ќе им порачате на нашите читатели, каде е забавата во Скопје?

DJ Тина: Забавата е таму каде што сум јас, се разбира хахаха. Пратете на фејсбук каде настапувам, посетете ја старата скопска чаршија, отидете во новото диско на плоштад кое се надевам ќе ги врати оние златни времиња на Колосеум, тркнете до Сектор, Балет, одете на свирка на Нина Јанева, опуштете се во Пивница, љубете се, играјте ко да нема утре. Се гледаме на некој мој нареден диџеј сет, ветувам сите ќе ве изгушкам 🙂

Интервјуто го подготви: Редакција Музика24

Можеби ќе ве интересира: