Музика на кирилица

„Центар-Јадро“ организира конкурс за демо рап песна

Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ организира конкурс за демо рап песна на кој може да се пријават сите неафирмирани македонски рап бендови или соло артисти. Со овој повик „Центар-Јадро“ сака да го помогне развојот на домашната сцена и да им даде простор и поттик на талентираните рапери и раперки да ги раскажат своите приказни и искуства.

Избраните бендови или артисти ќе добијат професионална сесија за снимање на оригинална музика, микс и мастер за песната во едно од студијата на Владимир Аговски-Аго, Гоце Саф и Драги (Druggy), како и парична награда од 250 евра.

Што треба да направите?

  • Изберете било каква музика (ваша или рандом музичка подлога), напишете свој текст и снимете го вашиот рецитал;
  • Вашата снимка со времетраење од максимум 90 секунди може да ја пратите на два начини: како mp3/wav формат директно на е-mail, или на вашиот Facebook/Instagram профил, со користење на хаштагот #РапДемо2020 и таг на @centarjadro во вашиот пост;
  • Ако праќате на e-mail, покрај демо снимката, треба да ја испратите и вашата кратка биографија, фотографија и контакт најдоцна до 8 ноември 2020г. на нашата адреса: [email protected] со назнака „РапДемо2020“.
  • Може да направите пост-продукција на вашата демо снимка, но може да ја пратите и без никаква обработка, само бидете сигурни дека квалитетот на снимката е добар;
  • Доставете песна што најдобро ве претставува вас и вашата музичка визија.

„Ги охрабруваме сите неафирмирани македонски бендови и соло артисти кои прават или сакаат да прават авторска музика и кои немаат официјално издание за некоја продуцентска куќа или настап на некој од поголемите фестивали (Таксират, Д Фестивал, итн) да се пријават на конкурсот. Покрај паричната награда, ќе имаат бесплатна можност за соработка со етаблирани продуценти и снимање во професионално студио. Комисијата составена од продуцентите што ќе ги продуцираат песните и еден член на КСП „Центар-Јадро“ од сите пристигнати демо-снимки ќе одбере 6 песни. Избраните артисти ќе снимаат целосно нова песна независна од нивната демо снимка“, велат од „Центар-Јадро“.

КСП „Центар-Јадро“ ја задржува можноста да ги објави сите пристигнати демо снимки. КСП „Центар-Јадро“ ќе ги објави сите 6 песни кои ќе бидат направени во професионалните студија на своите социјални медиуми. Демо снимките треба да бидат необјавени и неиздадени, во спротивно ќе бидат дискфалификувани.

Пријавите можат да бидат најдоцна испратени до 8 ноември 2020 година.  Конкурсот е реализиран со поддршка од Амбасадата на Швајцарија во РМ.

Можеби ќе ве интересира: